Во однос на пет отсто од БДП за НАТО, ние во овој момент сме земја која е од оние земји кои најмногу издвојува, односно два отсто е обврската. Речиси сме во првите неколку земји кои издвојуваат блиску до два проценти, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска запрашана за новата обврска што се поизвесно дека секоја земја-членка ќе мора да ја исполни.
Министерката појасни дека лани стапката ја проектирале на 2,1 отсто, а БДП излезе повисок.
-Сега ќе имаме ревидирани и конечни, и по две години ќе знаеме колку точно сме издвоиле за НАТО. Но, во проекциите кога ги правиме пресметката е прецизна, 2 проценти. Ние сме земја членка на НАТО и нашата цел е да ги остваруваме обврските кои ни се зададени. Во колкав период, сега од овој аспект не можеме да зборуваме. Дали ќе биде веднаш, ќе видиме како ќе биде со состојбата со буџетот, па потоа ќе можеме да коментираме дали ќе може наеднаш тоа да го направиме или ќе ни треба период на прилагодување, појасни Димитриеска – Кочоска.
Државниот секретар на САД Марко Рубио на неодамнешната средба со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Вашингтон меѓу другото ја нагласил „потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да остварат пет проценти за одбранбени трошоци“, соопшти Стејт департментот.
Министерот Муцунски во објава на Фејсбук за средбата меѓу другото вели дека со Рубио размениле мислења и за „безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што продолжуваме да даваме активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор“.