Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска остварила средбa со претставници на Меѓународниот монетарен фонд на коja биле презентирани најновите макроекономски остварувања и фискални политики, како и проекциите за наредниот период.
На средбата на која присуствувале шефот на мисијата, Ник Гигинешвили и шефот на Канцеларијата на ММФ во Скопје, Себастијан Соса, било истакнато дека македонската економија во 2025 година оствари стабилен раст од 3,5%, со забрзување на економската активност во текот на целата година и раст од 3,8% во последниот квартал. Растот е поддржан од домашната побарувачка, особено приватната и јавната потрошувачка, како и од позитивниот придонес на нето-извозот, додека инвестициите на годишно ниво задржале солидна динамика.
Во однос на ценовните движења, било посочено дека податоците за периодот јануари – фервуари покажуваат смирување односно надолен тренд на инфлацијата, но новонастаната состојба со војната на Блискиот Исток и цените на нафтата претставуваат сериозен предизвик за глобалната економија.
Позитивни трендови се забележуваат и на пазарот на труд, каде што невработеноста се намалува, а платите бележат раст.
Во фокусот на разговорите биле фискални проекции и претпоставки со кои се предвидува постепена фискална консолидација, зајакнување на управувањето со јавните финансии и одржување на високо ниво на капитални инвестиции како двигател на економскиот раст.
Буџетскиот дефицит е проектиран да се намалува во наредниот период со цел обезбедување долгорочна одржливост на јавниот долг. Било истакнато дека континуирано се врши следење и анализа на состојбите со надворешното опкружување и можностите на државата соодветно да реагира со соодветни владини мерки.
„Наш приоритет останува одржување на фискалната стабилност, преку постепена консолидација и дисциплинирано управување со јавните финансии, но истовремено и поддршка на економската активност преку силен инвестициски циклус и структурни реформи”, истакнала министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
Соговорниците ја поздравиле посветеноста кон макроекономска стабилност и реформскиот процес, нагласувајќи дека ваквите политики се клучни за зајакнување на довербата и долгорочен економски развој.
Од страна на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд била поздравена конзистентноста во реализацијата на буџетскиот дефицит за 2025 година на планираното ниво од 4%, како потврда дека фискалните политики се движат во правилна насока.