Димитриеска Кочоска тврди дека трезорот не е заклучен и ѝ порача на опозицијата „да си ги среди сопствените редови“

-Несериозно е да се каже дека Трезорот се затвора. Што затвораме и ќе одиме на скијање?, кажа Димитриеска Кочоска

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска порача дека трезорот не е заклучен и дека е отворен. Според неа, ова прашање излегло од контрола и вели дека „не може да разбере како ова доаѓа од опозицијата“. Им порача „да си ги средат сопствените редови“.

-Несериозно е да се каже дека трезорот затвора. Тој ги прибира налозите до 15-ти. Што затвораме и ќе одиме на скијање?  Трезорот работи. Друго е рокот кој што сме го дале на сите инситуции да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи дека секоја една институција треба да ги достави до 15-ти за да понатаму се организираме и да следи исплатата заклучно со 31-ви декември, рече министерката во изјава за медиумите.

Според неа, постои упатство според кое налозите во трезорот стојат по 15 дена, додека се направат дополнителни проверки да се види дали се соодветни расходните стапки и од каде се влече.

-Напротив, имаме приливи и ги планираме одливите. Не знам зошто се вадат сите работи од контекст. Пред почетокот на овој месец имаше коментари дека и пензиите нема да се исплатат навреме, па гледате дека пензиите се исплатија навреме. Се она што стигнува во Трезорот како налози, се исплаќа навремено. нагласи Димитриеска-Кочоска, додавајќи:

-Oпозицијата создава и лошо се пренесува дека немало пари во Буџетот. Ако немало, нема да има за ништо. Ништо не е поразлично од претходните години, кажа министерката.

Појасни дека налозите ќе се примаат до 15-ти во месецов што не значи дека ако некој задоцни, дека нема да биде примен налогот.

Трезорската сметка вообичаено се затвора на 25-ти декември, но не ретко тајмингот е и до 29 во тековниот месец.

Деновите засилија информациите дека се доцни со исплата по различни основи, за плати, социјални надоместици, поврат на ДДВ. Дел од граѓаните реагираа и на социјалните мрежи – особено за исплата на социјалните надместоци, надоместокот за трето дете, за мобилност, за лица со попреченост. Од Министерството за социјална политика демографија и млади кратко информираа дека исплатите ќе се релизираат во најкраток можен рок.