Димитриеска Кочоска: Успеавме да најдеме заштеди од околу 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде ни требаат

од Nikola Popovski
62 прегледи

„Се обидовме и направиме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата коишто стоеја неискористени, од се она што претставува несуштински расход и успеавме, водејќи се од напорите за фискална консолидација, да најдеме заштеди од околу 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде ни требаат”, порача министерката Гордана Димитриеска-Кочоска на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет, по повод Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година.

Со измените и дополнувањата вкупните приходи се планирани на  318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.

Министерката наведе дека растот на дефицитот и едновремено отстапувањето од фискалното правило се должи пред се на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските. Односно дека со него се обезбедуваат дополнителни 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензиите, од кои 2,5 милијарди денари се за најавеното линеарно зголемување од 2.500 денари, овозможувајќи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани. Четиристотини милиони денари дополнителни средства се обезбедени за транзициски трошоци во вториот пензиски столб, 0,8 милијарди денари за исплата на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари дополнителни средства за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за земјоделски субвенции, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации, дополнителни средства за финансирање на радиодифузна дејност, за финансирање на изборните активности, како и за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ. Со Ребалансот се обезбедуваат 0,8 милијарда денари дополнителни средства за исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори, 5,1 милијарда денари за активирани гаранции по основ на задолжувања за ЈП и АД во државна сопственост и 6 милијарди денари за проекти за општините.

Со Ребалансот, а условено од понеповолното меѓународно окружување, послабото остварување во 2023 година и економските движења во 2024 година, направена е надолна ревизија на очекувањата за раст на домашната економија годинава проектиран на 2,1%, наспроти претходно планираниот 3,4%. Додека стапката на инфлација за 2024 година е проектирана на 3,5%, што претставува значително забавување на ценовната динамика споредено со 2023 година.

Во рамки на Комисијата општата расправа по Предлог-ребалансот може да трае до 10 дена. На доставениот предлог поднесени се 58 амандмани.

Слични содржини