Димитриеска: Советот на јавни обвинители го нема добиено произнесувањето на Љупчо Коцевски

од Даниел Ѓорѓиевски
23 прегледи

До Советот на јавни обвинители сè уште не пристигнало произнесувањето на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во врска со предлогот на Владата за негово разрешување, изјави денеска претседателката на Советот, Душица Димитриеска.

“Веднаш, штом ќе го добиеме одговорот од јавниот обвинител, неговото произнесување, ќе постапиме кон одлучување,, истакна Димитриеска во изјава за медиумите.

Таа појасни дека Советот има рок од 15 дена да се произнесе по предлогот на Владата, по што мислењето ќе биде доставено назад до Владата.

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пак, ги демантира обвинувањата дека незаконски постапувал и истакна дека се водел исклучиво според законските прописи.

“Ги почитував сите рокови и законски одредби. Ќе се произнесам по предлогот за разрешување откако Владата официјално ќе го достави до Советот на јавни обвинители„ рече Коцевски.

Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да се повлече од функцијата, Коцевски нагласи дека ќе одговори откако ќе ги разгледа основите наведени во Законот за јавно обвинителство.

„Ако се утврди дека навистина сум направил тешка дисциплинска повреда, сам ќе се повлечам“ додаде тој.

Коцевски беше избран за републички јавен обвинител во февруари минатата година, со мандат од шест години.

Слични содржини