Собранието денеска треба да даде „амин“ за новите седум предлог министри и заменици од редовите на ДУИ. Од листата на Ахмети, премиерот Емил Димитриев одбил две имиња. Станува збор за Арлин Зекири и Беким Максут. Првиот беше кандидат за министер за привлекување странски инвестиции, а вториот за заменик министер за одбрана. Најмлад меѓу седуминатта е заменикот министер за транспорт и врски Фатон Положани кој има 26 години.

Единствената жена од тимот министри на Ахмети ќе биде министерката за локална самоуправа Ширет Елези. Родена 1981 година во село Чајле, гостиварско. Во декември 2011 година стекнува научно звање доктор по економски науки. Член е на повеќе асоцијации, а работела и во општина Гостивар, ДУТ Тетово, како и професор на Интернационалниот универзитет во Струга. Има објавено и книга „Управување со општинските финансии во РМ“.