Димитриев: Со новиот Буџет за 2026, државата не гради развој туку само купува социјален мир и ништо повеќе

Според Димитриев, структурата на расходите, капиталните инвестиции се планирани на само 9,7% од вкупните буџетски трошоци. Потенцира дека тоа е далеку под прагот за развоен буџет

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Левица - Аеродром

Членот на Левица и поранешен кандидат за градоначалник на Аеродром, Марјан Димитриев ги коментираше најавите на Владата дека новиот предлог-Буџет за 2026 година ќе биде развоен.

Според него, структурата на расходите, капиталните инвестиции се планирани на само 9,7% од вкупните буџетски трошоци. Потенцира дека тоа е далеку под прагот за развоен буџет.

-Ако капиталните расходи се под 15%, буџетот се смета за потрошувачки, ако се помеѓу 15 и 25% може да се каже дека е умерено развоен и само над 25% зборуваме за вистински развоен буџет ориентиран кон инвестиции и раст.

Уште попроблематично е што растот на Буџетот е базиран на зголемување на јавната потрошувачка која секогаш носи ризик за економијата, особено за мали и отворени економии како македонската. Кога државата ја зголемува потрошувачката без реален раст на производството и извозот, таа само го зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг. Тоа создава краткорочен ефект на „вештачка стабилност“ и изгледа како економијата да расте но всушност расте само потрошувачката. Ваквиот модел е неодржлив, а еве и зашто:

Државата се задолжува со околу 31% од вкупните приходи (116 милијади од 374 милијарди денари). Тоа е огромна зависност од нов долг, со други зборови, секој трет денар во буџетот доаѓа преку задолжување.

Истовремено, за отплата на стари долгови одат 77 милијарди денари, што е околу 19% од сите расходи. Тоа значи дека речиси секој петти потрошен денар оди само за враќање долгови, а не за развој или подобрување на животниот стандард.

На крај, со ваков буџет државата не гради развој туку само купува социјален мир и ништо повеќе од тоа, стои во објавата на Димитриев.