Димитриевски: Ако треба ќе се направат и уставни измени против било каква амнестија за сторена злоупотреба на службена должост

од Nikola Popovski
224 прегледи

Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вечерва се обрати пред граѓаните на Штип.

„Јас и ние од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се одваживме и тука на вас присутните, а и на секое домаќинство, ќе му кажеме дека не сме сите исти. Ќе кажеме дека  граѓаните на Македонија заслужуваат поубаво утре, затоа што Македонија се празни. Младите немаат шанси, а оние што ја граделе државата гледаат како се распаѓа. Ние од ЗНАМ нудиме нешто ново, што произлегува од граѓаните и ќе биде за граѓаните“, рече претседателскиот кандидат Димитриевски.

Тој додаде дека ја бара поддршката за иден претседател на Македонија, затоа што ќе биде претседател на ситграѓани кој ќе биде одважен и секогаш за граѓаните и интересите на државата. „Барам Македонија да гласа, за  претседател другар, пијател, соборец“.

Димитриевски посочи дека во државата има многу корупција и криминал.

„Имаме агенции, институции кои треба да се справуваат со неа, дополнително и Министерството за внатрешни работи, коешто најавува многу проекти, а  за жал корупцијата од ден на ден расте. Затоа од позиција на Претседател на државата во првите 100 дена од добивањето на мандатот ќе предложам Национална стратегија за борба против политичката корупција, бидејќи главната корупција е во политиката, или како што вели народот – рибата смрди во главата. Ќе се заложам таквите антикорупциски мерки да бидат дел и на следниот казнен законик“, рече тој и додаде дека ако треба ќе се направат и уставни измени да се спречи било каква можност од било каква амнестија за сторено кривично дело злоупотреба на службена должост и овластување.

„Мора да има правда и казнивост за сите граѓани. Ние од ЗНАМ ќе го дадеме својот максимум да  се исрават нештата и во Македонија и никогаш повеќе да не бидат исти“, потенцира Димитриевски.

Тој рече дека неговата Програма има пет принципи и пет конкретни заложби со рокови, кои е сигурен дека  ќе ги реализира, доколку го добие мандатот.

„Ние сме грст народ и доволно беше да се делиме. На Македонија и треба обединување и претседател обединувач и на Македонците и на сите етнички заедници во  државата. Нашата заложба е Македонија да остане унитарна држава и никакви уцени нема да прифатиме“, рече Димитриеввски обраќајќи им се на штипјани.

Претседателскиот кандидат им го честиташе празникот Рамазан Бајрам на граѓаните кои го слават и посака успех во секој дом. Караванот на Димитриевски денеска ги посети и Лозово и Свети Николе.

Слични содржини