Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, заедно со 25 македонски градоначалници и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, овие два дена беа во работна посета на општината Сандански во Република Бугарија каде со градоначалници од Бугарија и бугарскиот премиер Кирил Петков разговараа за новата ИПА програма за прекугранична соработка помеѓу двете земји, финансирана од Европската Унија.
Во рамки на излагањето на бугарскиот премиер Петков, прв во дебатата зема збор градоначалникот Димитриевски кој ја поздрави иницијативата и заложбите на премиерите Петков и Ковачевски за надминување на едностраниот спор којшто се води помеѓу двете влади и посака успех, но притоа да не се наруши ниту еден национален или државен интерес на страните.
Димитриевски истакна дека на овој форум присуствуваат градоначалници од двете страни кои се реални имплементатори на пријателски политики, бидејќи имплементираат заеднички проекти со средства од Европската Унија во двете држави.
„На самата конференција, многумина од домаќините ми се обратија со зборовите „братски народи и држави“. Доколку е така тогаш братските народи и држави не се блокираат, туку се поддржуваат и верувам дека ќе го имате тоа во предвид во понатамошните аспирации на Македонија во членството кон ЕУ. На овој коментар, Петков се согласи со изнесеното, спомена дека знае дека нашиот премиер е од Куманово, го уважи ставот и рече дека работат заедно со Ковачевски за приближување на односите и решавање на отворените прашања“, изјави Димитриевски.