Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитиевски денеска одржа прес-конференција на која ги соопшти ставовите на партијата во однос на идните коалиции. Покрај условот до СДСМ, Димитриевски ги обелодени и ставовите кон евентуално можна соработка со ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 8 мај.
-Со вашите програмски определби дека не прифаќате уставни измени под бугарски диктат и не прифаќате соработка со ДУИ по ниту една цена, се согласуваме. Тоа се наши ставови, први излеговме со тој став и ќе стоиме на тоа. Поради досегашната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста се наметнува една дилема која на ЗНАМ многу му е важно да биде расчистена во целост пред воопшто нашите работни групи, доколку седнат да разговараат, да разговораат за можна идна соработка. Барам да потврдите дека не е точно дека дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев, преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други, за обезбедување на 2/3 мнозинство во идниот собраниски состав, што доколку навистина постои, имплицира дека селективната правда ќе ја имаме и во идната Влада, како што беше и до сега. Во спротивно доколку немате таков став, најдобро е самите да си продолжите и јавно да соработувате, а ние ќе продолжиме заедно со народот. Ова се условите на ЗНАМ за почеток на разговори за евентуална соработка со едните или другите. Ние сме транспарентни и ќе бидеме транспарентни во целост. Никогаш нема да сториме нешто со што ќе ја изневериме довербата на граѓаните и интересите на Македонија, рече лидерот на ЗНАМ.
Запрашан дали ќе побараат од граѓаните да гласаат за позицијата или опозицијата, Димитриевски одговори:
„Јас реков уште во текот на кампањата како претседателски канадидат, дека гласачите кандидатите, ниту партиите не ги носат во џеб. Тоа е законско и уставно право на секој гласач, да се произнесе легитмно на демократски тајни избори за кого ќе гласа. По однос на гласањето, веќе реков дека секој гласач во Македонија може да гласа според мене, по сопствено убедување, така како што е запишано во Уставот и во законот“, кажа тој на прес-конференцијата.