Димитриевски: Доколку сметаме дека нашиот збор не се почитува, нема да бидеме дел од владата

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Во првиот момент, кога ќе сметаме дека нашиот збор не се почитува, нема да бидеме составен дел од Владата, порачал синоќа претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Запрашан за преговорите со ВМРО-ДПМНЕ околу новата владина коалиција, Димитриевски во емисијата „Само вистина“ истакнал дека се работи за разговори и основни принципи на работење и усогласување на идеолошките разлики.

„Зборуваме врз основа на платформата што им ја понудивме и тие целосно ја прифатија.Многу помалку е битно каква ќе биде имплементацијата на власта во делот на тоа кој колкав број на ресори ќе преземе, многу повеќе е важно што тоа суштински ние ќе реализираме кон граѓаните. Денеска сме таму каде што сме, на чекор пред да влеземе во Владата“, истакнал Димитриевски, додавајќи дека имал една средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски.

Тој нагласил дека имаат капацитет да раководат со Министерството за правда, но се ќе зависи од конечниот договор.

„Секако еден од двата ресори (покрај правда и Министерството за администрација) за кои ме прашувате се и овие ресори. Имаше и предвремени шпекулации. Имаме капацитет и за правда и за многу други големи министерства. Тоа ќе зависи од конечниот договор. Доколку ЗНАМ добие поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведеме реформи во она што значи независна судска, обвинителска власт“, кажал градоначалникот на Куманово.

Слични содржини