Димитриевски ја поддржува идејата на Мицкоски за електронски попис и нагласува важноста од реални податоци за развојот на Македонија

Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, денеска изјави дека ја поддржува иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување на електронски попис на населението.

од Марта Пешевска
11 прегледи

Премиерот Мицкоски на четврток, одговарајќи на пратенички прашања на собраниска седница, предложи во идната година да се изврши вонреден електронски попис на населението, условен со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.

– Македонија треба да има јасна и перспективна стратегија за иднината, а тоа започнува со прецизни и реални податоци – од бројот на население до расположливите ресурси. Пописот е важен за сите граѓани, но пред сè за државата, за да може да креира долгорочни планови за развој. Ја поздравуваме идејата за електронско потпишување на пописот предложена од премиерот и го очекуваме предлогот за да можеме да се произнесеме. Добро е да знаеме кого имаме и со што располагаме за да изградиме иднина, истакна Димитриевски пред почетокот на панел-дискусијата „Посветеност – Отчетност – Резултат“, по повод една година учество на Движењето ЗНАМ во Владата.

Прашан дали укинувањето на Методологијата за попис од страна на Уставниот суд би имало влијание врз бројот на советници на локалните избори, Димитриевски рече дека очекува на претстојните избори да се избира ист број на советници како и досега.

– Општина Куманово, како најголема во државата, има 33 членови на Советот, а со новото решение би имала 31. Не знам дали законот ќе биде донесен пред изборите, тоа зависи од Парламентот и парламентарното мнозинство. Сепак, сметам дека на овие избори ќе го имаме истиот број на советници. Потребно е да се доработи законот за да обезбеди реално и соодветно претставување на граѓаните во општинските совети, нагласи тој.

Во врска со вработувањата во јавната администрација, Димитриевски потенцира дека квалитетот треба да биде водечка основа, а не политичката припадност.

– Нашиот став е дека вработувањата во јавната администрација не треба да се базираат на етничка или партиска припадност, туку на квалитет, оспособеност и вештини. Партизацијата и политизацијата во државниот систем во изминатите три децении ни донесе до оваа состојба и сега е време да дадеме предност на квалитетот над политичкиот и партискиот квантитет, изјави Димитриевски.

Во однос на измените на Изборниот законик, за кои расправата е завршена, но не е обезбедено Бадентерово мнозинство, тој нагласи дека потребно е да се излезе од теснопартиските интереси и да се овозможи развој на државата со законски решенија кои ќе ги почитуваат сите граѓани подеднакво.

– Многу пати личните и теснопартиските интереси се ставаат пред националните и државните. Треба да се движиме кон законски решенија кои ќе создаваат нови перспективи и ќе овозможат подобар живот за граѓаните. За жал, партиите, особено моноетничките, често калкулираат како одредени решенија ќе влијаат на бројот на пратеници, наместо да размислуваат за квалитетот на животот. Треба да излеземе од тие стереотипи и да овозможиме државата да се развива, а секој граѓанин да биде подеднакво почитуван, рече тој.

Димитриевски потсети дека со сегашното законско решение не секој глас се третира еднакво.

– Со актуелниот закон за изборите, на пример, за да се избере пратеник во изборна единица 3 треба двојно повеќе гласови отколку во изборна единица 6, што не е фер. Пратеникот избран во изборна единица 6 има двојно помал тежина од оној во изборна единица 3. Потребно е да се најде усогласување за да се третираат сите граѓани еднакво, како што пишува и во Уставот, со еднакви права и можности, заклучи Димитриевски.

 

Слични содржини