Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски и носителите на листа од изборните единици ја презентираа програмата „Проглас за достоинствена Македонија вечерва на митинг на градскиот плоштад во Куманово. Носителите на листи од изборните единици посочија дека најголем проблем за државата е корупцијата и ветија нејзино искоренување. Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски повика енергијата од Куманово да се пренесе насекаде во државата, граѓаните да испратат порака дека Македонија повторно се буди од Куманово.
– Пред пет години работев за избори за претседател и помогнав на еден човек да стане претседател на државата и тој човек дојде во наше Куманово и рече дека кога вашиот градоначалник ќе испадне, го чекаме да се приклучи. Ќе му одговарам на кумановски, „никад па ни тг“, рече Димитриевски.
Тој им порача на сите дека залудно пребројуваат, бидејќи ова е Куманово „Македонија во мало“ и нагласи дека повторно гордо ќе се вее македонското знаме. Димитриевски кажа дека корупцијата навлегла во сите сфери од општеството, здравството, правдата, дека токму заради неправдата си заминуваат младите, бидејќи никој од политичарите не застанал зад граѓаните. На митингот во Куманово вети правда, отворање на секој предмет, а ќе пресудуваат искусни и вредни луѓе за сите кои „се огрешиле од законот“.
– Ќе има правда, тогаш кога на вистинско место ќе дојдат вистински, одговорни луѓе, бидејќи овие не само што нѐ лажеа, во целост нѐ прелажаа, па дури и од сопствениот народ се откажаа, од вредностите на Крушевскиот манифест и АСНОМ и од сè што е свето за Македонија и ако им дозволиме тоа ќе продолжат да го прават тоа, кажа Димитриевски.
Кандидатот за претседател нагласи дека имаат историска обврска да го сменат тоа, бидејќи граѓаните залсужуваат. Тој ги критикуваше политичките опоненти, ДУИ за која рече дека повеќе од две децении само ветувала, никогаш не изградила ниту фабрики, ниту метар од коридорот 8, и „околу прст ги врти, и левите и десните“.
-На овие избори катастрофално ќе изгуби раководството на СДСМ, а притоа ВМРО нема да добие, ќе добие ЗНАМ. Исто како на локалните и ќе го повториме сите заедно, рече Димитриевски.
Во однос на анкетите кажа дека и двете политички партии не го наполниле градскиот плоштад како сега.
– Да се одважите и енергијата од градскиот плоштад да ја пренесете до секој кумановец и кумановка да им кажете дека се раѓа нова политичка сила во Македонија која се вика движење ЗНАМ За наша Македонија, движење создадено од граѓаните и за граѓаните, рече Димитриевски.
Тој посочи дека ќе работи за граѓаните како и кандидатите за пратеници кои ќе дадат „Максимум“ за граѓаните и за Македонија.
Носителот на листата од Изборната единица 2 Даниел Стојчевски кажа дека правда, ќе нема место за корупција, зголемување на казни за злоупотреба на службена положба, високи и строги казни за да се обесхрабри каков било обид за корупција, незастарувања на дела за криминал и корупција, избор на квалитетни и искусни судии, укинување на доживотен мандат на судии. Нотарите и извршителите ќе станат државни службеници, зголемување плата во правосудството.
– Правдата да биде достапна за сите, не само за оние со „длабоки џебови“, економијата да понуди можност за сите, не само за избраниците, образование да ја отвори портата кон иднината на секој млад човек, рече Стојчевски.
Останатите носители на изборна единици, Небојша Захариевски, Весна Бендевска, Миле Цеков, Павле Арсовски, Бобан Карапејовски, презентираа дел од проектите, од економија, екологија, развој на земјоделсктово, образование, проекти за млади, повисоки плати, подобар стандард, квалитетно здравство, борба против корупција, враќање на достоинството на униформата. Тие и порачаа дека ова се избори кои одлучуваат за иднината на Македонија, за достоинствена, чесна и прогресивна Македонија и посочија дека доаѓа нова енергија и нови луѓе во политиката кои нудат чесна и посветена работа.