Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој има добиено пратенички мандат, но е и градоначалник на општина Куманово, пред почетокот на денешната конститутивна седница на Собранието, изјави дека пратеничката група на неговата партија ќе гласа за Африм Гаши, доколку биде предложен за претседател на Собранието.
Димитриевски му посака успех на новиот пратенички состав.
„ЗНАМ очекува многу од овој парламентарен состав. Верувам дека како потенцијален партнер во идната влада ќе дадеме свој придонес со нашето политичко делување бидејќи веќе сериозно разговараме за имплементација на дел од нашите програмски цели во идната владина програма и составот на владата“, кажа Димитриевски.
Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање околу разговорите за влезот на ЗНАМ во новата влада, рече дека се уште не се договориле за распределбата на ресорите и кадровските решенија.
Веќе почна конститутивната седница на новото Собрание, а завршува со изборот на претседател. Согласно со Деловникот, таа не може да трае повеќе од три дена. На седницата ќе се верификуваат мандатите на пратениците.