Димитриевски: Ќе му дадам благодарница на Мартин за бесплатната реклама, ми го спомена името три-четири илјади пати

Куманово беше заробено во минатото од грст луѓе кои буквално го опустошија, а ништо не направија за барем малку да ја променат сликата за Куманово на подобро. Спротивно ние – јас и мојот тим во последните осум години ја ослободуваме Општината од стегата на овие луѓе, кои сега сакаат да се јават во улога на „спасители“.

од Vladimir Zorba
104 прегледи

Куманово беше заробено во минатото од грст луѓе кои буквално го опустошија, а ништо не направија за барем малку да ја променат сликата за Куманово на подобро. Спротивно ние – јас и мојот тим во последните осум години ја ослободуваме Општината од стегата на овие луѓе, кои сега сакаат да се јават во улога на „спасители“. Ова го потенцираше лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, на последното телевизиско соочување со противкандидатите пред првиот круг на избори в недела.

На жестоката дебата која се водеше пред публика во Занаетчискиот дом во Куманово и која на моменти наликуваше на лична пресметка на противкандидатите со Димитриевски, тој посебно му се заблагодари на опонентот Мартин Костовски од СДСМ.

„Му благодарам на Мартин што во текот на оваа кампања ми направи бесплатна реклама споменувајќи ми го името три-четири илјади пати, за што ќе му дадам благодарница по изборите“. Сакам да кажам – не може луѓето околу Костовски, што го протежираат него и се креатори на сите проблеми со кои се соочува Куманово, сега да се јават во улога на понудувачи на решение“, нагласи Максим Димитриевски.

Тој го потенцираше моментот на напредокот на Општината во текот на последните осум години откако е градоначалник – во десетина и повеќе населени места немаше еден метар асфалт, а во моментов над 90 отсто таму е асфалтирано. Има уште многу работа, но тоа е и обврска на градоначалникот – да работи во интерес на граѓаните. Димитриевски најави нови сообраќајници и кружни текови, зголемен опфат на градење на инфраструктурата – водоводна, канализациска и гасоводна. На прашање од публиката за пристапноста во градот – по улиците, до работните места, градинките, продавниците, за лица со посебни потреби, Димитриевски одговори дека максимално се посветени за подобрување на условите и за оваа категорија граѓани и тоа е видливо со голо око.

Што се однесува до локалната економија – Димитриевски рече дека е особено горд на инвестицијата од 115 милиони евра од Лидл – и го демантираше противкандидатот дека таа е донесена кога СДСМ била на власт. „Со неа, со уште неколку други – вработени се стотици наши сограѓани. Помагаме и на домашните бизниси под еднакви услови како и на странските да се развиваат, даваме поддршка и за млади претприемачи, работиме за создавање на логистика за нови бизниси. И, како резултат на сето тоа – во моментов Куманово и неговата индустриска зона „Новина и Речици“ е најатрактивно место за инвестирање не само во Македонија туку и пошироко.

„Затоа не се согласувам дека Куманово нема перспектива. Работиме секојдневно и интензивно, доказ се 800 проекти за осум изминати години. Не е така црно, како што некој упорно се обидува да прикаже. Куманово е, слободно може да речам, еден од најперспективните градови не само во државата туку и во југоисточна Европа особено со изградбата на Коридорите 8 и 10. И, Куманово ќе продолжи да се развива и да се менува“, дециден беше Димитриевски.

Слични содржини