Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски се уште стои на ставот дека уставни измени не се потребни измени без соодветен реципроцитет и гаранции.
-Со прифаќањето на францускиот предлог кој сега е дел од преговарачката рамка со ЕУ, направена е непроценлива штета за Македонија. Загрозени се идентитетските и јазичните права на македонската нација. Оваа преговарачка рамка во која се содржани двата потпишани протокола, не го отвора патот на државата кон нашата стратешка цел – почеток на преговори со ЕУ, туку ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија. Неодамнешната изјава на претседателот на Бугарија дава ново светло кога тврди дека немаат нови барања, туку да се спроведе потпишаното, што за жал е против нашите национални и државни интереси! На Македонија не и`е потребен меѓународен печат за постоење на македонскиот народ и јазик и култура, ние постоиме со својата посебност, историја, идентитет, вели Димитриевски во интервју за ДВ.
Според него, нема основа ставот на власта „промени на уставот веднаш“, и ставот на опозицијата „промени на Уставот нема да има во овој парламентарен состав“.
-Тоа би значело дека тие кога би дошле на власт имаат магично решение, што е популистичка измама. Претходно, пред одржувањето на „лидерската средба“ дадов изјава на една национална телевизија, дека таа ќе доживее дебакал и тоа се случи. Дадов два конкретни предлога за надминување на актуелната состојба, а тие претседателот на опозицијата ги претставува како свои. Прво, национален консензус за одбрана од бугарските уцени. Второ, Бугарите во Уставот со одложена примена до нашиот влез во ЕУ. Убеден сум дека тоа нашите партнери ќе го прифатат. Ги поздравувам Резолуцијата на Бундестагот и искрената подршка на канцеларот Олаф Шолц, истакна Димитриевски.