Димитриевски на средба со францускиот амбасадор Бомгартнер

од Vladimir Zorba

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски оствари официјална средба со Амбасадорот на Франција, Н.Е. Сирил Бомгартнер во Општина Куманово, при што имаа продуктивен и конструктивен разговор на многу заеднички теми и можности за понатамошна соработка.

По средбата заеднички се упатија во Гимназијата “Гоце Делчев” со “ретро” модели на француските возила Пежо и Ситроен, во рамки на годишното одбележување на Денот на Пежо 404, со цел да ги посетат учениците и наставниците од билингвалните паралелки, кои следат предметна настава на француски јазик и да присуствуваат на отворениот ден во училиштето.

“Денеска имавме две посети од двајца дипломати, пријателска Шпанија и уште попријателска Франција. Чест ми е заедно со францускиот амбасадор, што денес имаме можност да ја посетиме кумановската Гимназија. Се сретнавме со учениците од билингвалните паралелки, ни беше претставено и сето тоа што тие го работат. Земавме учество и на отворениот ден на Гимназијата, каде учениците заедно со своите професори ги презентираат сите смерови, што се изучуваат во ова наше престижно училиште. Сакам да се заблагодарам на амбасадорите за оваа посета, особено на францускиот амбасадор, со кој што добив можност и да се возиме во олд тајмери произведени од француско производство во нашиот град, кои исто така ни се гости. Инаку со амбасадорот разговаравме на повеќе отворени теми и заклучивме дека општина Куманово има одлична соработка со амбасадата на Република Франција и истата таа соработка ќе се продлабочува. Опфативме и други сегменти за идни можни соработки и во многу скоро време ќе оствариме уште една дополнителна средба, за да се изнајдат соодветни начини билатералната соработка на нашите две држави, која што е на исклучително добро ниво, се продлабочи уште поуспешно на локално ниво.” истакна Димитриевски.

“Целосно го поддржувам изучувањето на францускиот јазик. Затоа што во Гимназијата Гоце Делчев во Куманово ги имаме тие франкофонски билигвални паралелки, кои што ги има неколку во земјата. Во земјата има голем број на училишта каде што се изучува францускиот јазик, но во оваа гимназија не само што се изучува францускиот јазик, туку и одредени предмети се учат на француски јазик: литература, математика, природни науки . Тоа значи дека навистина треба многу напор да се вложува, а за учениците тоа значи поголем број на часови во однос на нивните врсници. Но, да се избере билингавална паралeлка е навистина избор на најдобра паралелка. Бидејќи предмалку се сретав со средношколците и разговарав со нив, навистина сум воодушевен од нивото на познавање на францускиот јазик. А сите основци кои што сакаат да се запишат во гимназија, ги охрабрувам да ја изберат француската билингвална паралелка.”, истакна Амбасадорот на Франција, Н.Е. Сирил Бомгартнер.

Тој ги потврди добрите односи, како и можностите за продлабочување на соработката.

“Има институционални врски кои што се силни, но ќе одам и подалеку и ќе кажам дека и личните врски помеѓу Куманово и француската амбасада се блиски и перспективите не водат на размислување дека уште повеќе ќе ги зајакнеме” потенцираше Амбасадорот.

Слични содржини