Во 53 општини на овие избори ќе имаме свои претставници. Ние сме нова и млада политичка партија која созрева од ден на ден и нашето време допрва доаѓа. ЗНАМ делува со агенда, план и концепт, изјави Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и кандидат за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски вечерва во Скопје, каде одржа промотивна конвенција, на која ги претстави кандидатите за градоначалници и и листите на советници.
На конвенцијата беа претставени кандидатите за градоначалници за Општина Куманово – Максим Димитриевски и за Општината Центар – Мирослав Лабудовиќ, како и кандидатурите со советнички листи во 53 општини во целата држава.
-На врвот на нашата агенда е просперитетна, подобра и посилна Македонија. Јас во изминатите осум години покажав што значи да се засукаат ракавите и како треба да се води едно општина, најголемата општина во Македонија и тоа исклучиво за доброто на граѓаните. Куманово за осум години е променето и јас сум убеден дека Куманово ќе продолжи да се менува и тоа интензивно со помош на граѓаните и локалната и централната власт во следните четири години. Успеавме од една општина која што беше најголем загубар, да стане финансиски најстабилна во државата. Ако во минатото се мачевме реконструираме улички, денеска реализираме капитални проекти. Во изминатите години реализиравме повеќе од 800 проекти за нашето Куманово, рече тој.
Во однос на предлог резолуција со црвени линии од СДСМ, Димитриевски посочи дека кога тие биле на власт ги распродавале националните интереси на државата.
За изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети дека евентуалното скршнување од патот кон Европската Унија ќе предизвика граѓаните да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а други со Бугарија, Димитриевски нагласи дека се додека има Македонци, ќе ја има и Македонија и оти никој нема да побегне од државата.