Димитриевски: Настаните во Тетово и Чаир и покажувањето на знаме на „Голема Албанија“ е чист популизам поттикнат од косовскиот премиер

од Stefanija Kuzmanovska
421 прегледи

За градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски настаните во Тетово и Чаир и покажувањето на знаме на „Голема Албанија“ е чист популизам поттикнат од косовскиот премиер Курти, а од друга страна собирање евтини поени, додека владиниот врв молчеше и бараше изговори наместо одговорност, вели тој.

„Државата не се огласи во тој момент и се бараа изговори каде се пропустите, а всушност треба да бараат одговорност, прво кај тие што ја водат државата бидејќи нам ни дојде во посета премиер на пријателска држава, кој со своето однесување и пораки заедно со нашите домаќини го руши уставниот поредок на оваа држава и за тоа се одговара. Не прекршочно, туку кривично. Македонија е независна суверена држава и прво и основно е министерот за надворешни работи да реагира, а не кабинетот на премиерот, туку неминовна е реакција директно на премиерот. Очекувам реакција и од меѓународната заедница во нашата држава пред се, земјите членки на ЕУ и САД бидејќи овој пресадан се случи во Македонија“, изјави градоначалникот Димитриевски во вечерашното гостување во „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија.

Градоначалникот Димитриевски вели дека ако тој може да ги има албанското и другите знамиња на етничките заедници во неговата канцеларија во општина Куманово иако тоа не е според законот, туку негова добра волја, па дури и бугарското знаме бидејќи на последниот попис се изјасниле 350 Бугари во Куманово, зошто тогаш некој да ги одминува неговите државни обележја или пак да се повикува дека е тешко да се интонира македонската химна за било кој припадник од друга етничка заедница.

„Ние првенствено мора да се почитуваме, заедно да живее, да градиме едно ниво на висок соживот и да ја градиме Македонија за сите граѓани. Оваа држава има иднина благодарејќи на алтернативите коишто ќе следат по парламентарните избори“, додава тој.

Зборувајќи за уставните измени и предлогот кој во петок ќе се најде на собраниска седница, Димитриевски категорично порача дека ниту позицијата, ниту опозицијата имаат капацитет да изнајдат решение како да се надминат овие проблеми со Софија, а тоа не може да се реши со гласање во парламентот, туку со придобивање на поддршката на народот.

„Многу е лесно да покажете со прст на Македонецот и да го уценувате, но во овој случај треба да ја познавате етногенезата на македонскиот народ. Тој е како пиреј и никнува таму каде не го сеете. Ние ќе опстоиме на нашите ставови, ние никогаш како Македонци нема да се сложиме со промена на нашиот етнички карактер и нашата припадност. Не може Софија да ни диктира какви биле нашите дедовци и баби и тоа Европската унија мора да го сфати. Премногу сме навикнати на прашањето “ Што тоа дојде од седиштето на ЕУ?”. Треба да одиме да преговараме заедно со Софија, да бидеме таму и да го бараме решението со нив, да им објасниме. Македонија треба да има 24/7 претставник во Брисел кој ќе тропа од врата на врата, ќе зборува со странските претставници и ќе ги објаснува нашите ставови, бидејќи ниту еден договор не е конечен и може да претрпи промени“, заклучува тој.

Слични содржини