Димитриевски: Не е деградиран ниту еден вработен, ниту се вршени притисоци

од Nikola Popovski
475 прегледи

Не е точна изнесената информација дека во Општина Куманово се преместени дваесетина службеници на пониски работни позиции, или како е кажано – деградирани, а уште помалку дека некој на вработените им вршел притисок. Не се точни ниту тврдењата во однос на бројот на доставени решенија. Станува збор за девет решенија, а овој процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот, која ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел максимално да се подобри работата на институцијата, која претставува сервис на граѓаните, реагираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, oткако беше обвинет од СДСМ дека се одмаздува кон своите политички неистомисленици.

Тој ги повика сите службеници доколку некој им вршел партиски или каков било друг вид на притисок, веднаш да го пријават до државните органи.

-Доставените неколку решенија од моја страна, се резултат на тековно функционирање на институцијата и целосно почитување на заклучоците на
ревизорскиот извештај од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој јасно е укажано дека е потребно да се повлечат Овластувањата дадени на лица, кои што работат на други работни места, а не согласно Решенијата кои ги имаат добиено за работа, врз основа на актот за систематизација. Тековното работење е во правец на подобрување на самата организација и работата на општинската администрација, што во изминатиот период се покажа како нужно, додава тој.

Според пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски над 20 вработени лица во Општина Куманово овие денови се распределени на пониски позиции или се преместени да работат на други локации.

-Причината за преместувањата и деградирањата е само тоа што овие луѓе се истакнати активисти и членови на СДСМ. Јасно ни е дека Димитриевски ќе продолжи со притисоците, но и нему треба да му биде јасно дека со ваквиот однос нема да исплаши никого, вели Костовски.

Слични содржини