Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека не гледа проблем во уставните измени и внесување на бугарското малцинство, но доколку дојде до реципроцитет и од бугарска страна.
-Вие признавате народ кој што претходно имал обврска вас да ве признае. Ние имаме таков принцип и такво уставно уредување каде што сме отворани да ги признаеме сите граѓани кои што живеат овде. Ако на пописот се изјаснил и еден граѓанин дека се чувствува како етнички Бугарин, тоа го почитувам и треба да има свое место во Уставот, но првично матичната држава т.е. Република Бугарија официјално ќе треба да го признае македонското малцинство кое што реално постои во таа држава, изјави синоќа Димитриевски.
Тој смета дека во моментов на политичката сцена во земјава постои „рашомонијада“.
-Од една страна имате референдум, па ќе се оди, па нема да се оди. Ако има референдум, излегувам прв и гласам против Договорот за добрососедство, но мислам дека референдумот е ззадоцнета тема затоа што кога излеговме како здружение уште пред повеќе од три месеци, со конкретен предлог, всушност никој не ни обврна внимание, рече меѓу другото Димитриевски во емисијата „Клик плус“.