Димитриевски: Очекувам нови барања од Софија и доколку современа Европа сака да функционира така – тогаш нека си ги чува, а ние ќе го бараме нашиот пат и решение

од Nikola Popovski
33 прегледи

„Колку пати слушнавме за „позитивен извештај“? Колку пати нè нарекоа „пример за регионалниот напредок“? И колку пати тоа не значеше ништо, освен ново понижување, нов услов, ново бришење на она што сме?! Вчера бевме сведоци на уште една страница од истата книга, книгата на македонскиот отпор, на истрајноста, на постојаното исправување по секое удирање. Македонија поминува низ повторена историја. И ако не се спротивставиме, ако не поставиме јасна, достоинствена, државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи од својата жртва“, рече денеска лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски за последните случувања во Европскиот парламент и гласањето на Извештајот за Македонија без македонски идентитет и јазик.

Димитриевски посочи дека Република Бугарија води политика на културна агресија, со дипломатија на бела ракавица и со историско фалсификување.

„Историјата не учи, но само ако сакаме да ја слушнеме! Во мракот на Втората светска војна, македонските Евреи беа немилосрдно собрани, депортирани и пратени во логорот Треблинка. Тоа не беше само обична воена операција, тоа беше систематски и организиран геноцид, извршен под директива на фашистичка Бугарија. Над 7.000 души – мажи, жени, деца – беа избришани од македонската почва, без да се вратат назад, без сведоци, без глас“, истакна претседателот на ЗНАМ на прес-конференција.

Според него, барањата кои доаѓаат од официјална Софија и се потврдија со една нова резолуција пред месец и половина се веќе депласирани.

„ Она што се случи во Европскиот парламент, национализам, па дури и етношовинизам од поединци претставници  кои доаѓаат од соседна Бугарија, но за жал и од  соседна Грција, потврдуваат дека ние веќе не разговараме за  промени на  уставот. Тоа што го тврдевме пред повеќе од две ипол години дека ова не е единственото барање упатено до Македонија се потврдува денес. Одредени политички елити тоа не го признаваа. Верувам дека сега сите ќе се свестат и ќе работиме малку поорганизирано. Очекувам и нови барања oд соседна Софија и доколку современа Европа сака да функционира така и да решава билатерални проблеми на одредени држав, тогаш нека си ги чува, а ние ќе го бараме нашиот пат и своето решение. Со сопствени сили до таму каде што можеме. Можам да гарантирам, како партиципиент во власта, дека ЗНАМ ќе остане на својот европски курс, но ќе се свртиме кон себе си  и ќе бараме  дополнителен начин како да го продобриме животот на граѓаните“, додаде Димитриевски.

Слични содржини