Димитриевски од Франција: Ние сме Европејци и ќе завршиме како составен дел на Европа

од Vladimir Zorba
161 прегледи

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски е во работна посета на Дижон каде учествува на средбата Франција-Балкан помеѓу пратеници и претставници на локалните власти од голем број на општини во Франција и од земјите од Западниот Балкан. Оваа средба претставува можност да се разговара за европската перспектива на регионот и можностите за партнерство меѓу општините.

Во своето обраќање на Македонски јазик, Димитриевски информираше дека Куманово е најголемата општина во Македонија во којашто живеат 11 различни етнички заедници.

„Како што ние денеска говориме тука секој на својот мајчин јазик, може во едно од колевките во Европа, така и ние во Куманово на седниците на советот говориме на повеќе јазици и добиваме симултан превод, а секој има право да зборува на својот мајчин јазик, бидејќи кога го употребува најубаво се искажува. Ја имаме Европа на лице место во Куманово и сме Европа во мало, но за жал не сме во Европа. Во 1991 година Македонија стана независна држава, тогаш имав неполни 16 години, а денеска полнам 47 и повеќе од 30 години чекаме во ходникот на Европа за да бидеме полноправна членка. 2005 година поднесовме барање, добивме кандидатски статус, поминавме трнлив пат, имавме проблеми. Се обидовме сами да ги решиме, но некои со медијација, но за жал се уште чекаме. Кога ќе го слушнам терминот „Западен Балкан“ да кажам искрено од срце ми смета затоа што ние сме во Југоисточна Европа и јас се доживувам себеси, а и моите граѓани се доживуваме себеси за составен дел од Европа и европјани. Мојот град се наоѓа на многу три важни европски коридори и поминуваат низ центарот на градот, коридорот 8, коридорот 10 и железничкиот коридор Балкан експрес којшто тргнува од Хамбург, а завршува во Атина. И ние Европа ја имаме всушност од почетокот на тој коридор“, рече Димитриевски.

Тој посочи дека сите заедно денеска во салата се првенствено луѓе, дополнително дел од нив се балканци како што се нарекуваме.

„Со нашата голема и предолга историја којашто ја имаме и премногу како што Черчил рекол, а немаме можност и целата да ја консумираме. Во составниот дел на таа балканска историја е и Европа, бидејќи токму сите големи и важни битки низ историјата се случиле токму на тие наши простори кадешто ние сме се родиле и кадешто сакаме да се раѓаат нашите внуци и правнуци, а не секојдневно да мигрираат во Европа, бидејќи ние ги изгубивме најголемите умови во чијашто едукација и образование продолжуваме последните 30, 40 години. Ние денеска немаме кој да не лекува, затоа што сите лекари се тука. Не сакаат да работат во Македонија за 600, 700 евра, туку сакаат да работат за 5,6 или 10 илјади евра месечна плата во Европската Унија. И јас тоа го разбирам. Дополнително, немаме кој да ни нацрта градежни проекти, затоа што сите градежни инженери заминаа од нашите простори и ќе дојде моментот кога ќе имплементираме и проекти како што велиме предпристапните преговори стратешки проекти и ИПАРД фондови, но ќе нема луѓе коишто ќе ги нацртаат затоа што овие млади луѓе кои ги видовме претходно на презентацијата ќе завршат високо образование и ќе заминат за Европа. Ќе немаме градежни инженери, па ќе мораме од нашите луѓе да бараме услуга како консултантска услуга којашто ќе биде скапо платена повторно со наши европски пари за да бидат изготвени едни такви проекти, а ние впрочем да можеме да аплицираме за самите европски фондови за да достигнеме соодветно ниво на развој на нашите локални самоуправи како што се европските и еден ден дефакто да бидеме во Европа“, изјави Димитриевски.

Димитриевски нагласи дека Шуман и Моне кога ја граделе Европа ја граделе врз база на принпици, взаемно почитување.

„Замислете, што ќе се случеше со Европа доколку не се договореа тие за јагленот и челикот и дали истата Европа ќе се изградеше и ќе станеше тоа што е денеска, доколку немаше трансфер на знаење, трансфер на стоки. Замислете, тогаш Франција да и кажеше на Германија ќе го смениш името или пак Германија на Франција ќе мора да додадете географска референца или не сте повеќе французи, вие сте некоја поинаква нација којашто припаѓате на германската нација. Е тоа во континуитет и се случува на мојата држава последните 30 години. Длабоко сум повреден и јас и моите граѓани, сите во регионот поради големите непринципиелности не само взаемни на Балканот, но првенствено непринципиелностите кои доаѓаат од Брисел. Зошто? Затоа што беа примени земји членки токму од тој регион на Европа, од југоисточната Европа кадешто имаше земји членки кои не беа развиени на ниво на некои од нас, но сепак се денеска полноправни членки и си наоѓаат за право да ги блокираат останатите. Каков пример испраќа Европа на тој начин кога толерира едно такво однесување и притоа наоѓа одредени политички предлози за соодветни решенија којшто беше последниот француски предлог, кој на сила и притисок беше истуркан да помине во нашиот Парламент, се со единствена цел да се задоволи потребата за полноправно членство во Европска Унија коешто всушност ние дефакто, реално го чувствуваме, но искрено го немаме на маса. Ако овој лош случај помеѓу Бугарија коешто е едностран наметнат проблем на мојата држава се продолжи замислете колку ќе имате такви случаеви низ целиот Балкан. И во случајот помеѓу Хрватска и Србија, и во случајот помеѓу Бугарија и Србија, и во случајот помеѓу Србија и Косово и сите останати. Па, зарем оваа стара Европа не научи повеќе дека треба да изнајде начин да ги менаџира сите овие процеси врз база на заемно почитување, разбирање и врз база на претходното искуство коешто го воспоставија Шуман и Моне. Кој како сака нека каже, ние сепак сме Европејци, тука сме родени, тука и ќе завршиме, како составен дел на Европа без разлика дали нас некој не нарекувал Балканци или пак некое друго име, ние сепак сме горди луѓе и првенствено сме Европјани“, потенцираше Димитриевски.

Слични содржини