Димитриевски: Оправдано е барањето на ЗЕЛС проблемот со енергетската криза да се третира на еден начин, а проблемот за фискална децентрализација на власта да се третира на друг начин
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во дебатната емисија „Економски магазин“ на Алсат М телевизија истакна дека Куманово е една од ретките општини во земјава која со сопствени средства разви 17 километарска гасификациона мрежа, но поради тоа што цената на гасот на берза е четири пати поскапа во однос на декември, принудени се и училиштата и јавните објекти да се исклучуваат од гас бидејќи немаат доволно средства да се платат трошоците.
„Ние сите јавни објекти поради намалување со загадувањето и проблемите со загадувањето, уште на енергенси ги конектираме гасоводната мрежа, денеска поради тоа што цената на гасот е светска на берза четири пати поскапа во однос на месец декември, ние сме принудени и училиштата, и јавните објекти да ги исклучуваме од гас бидејќи немаат доволно средства да ги платат трошоците. Каде ќе ги конектираме? Или на струја или повторно ќе се вратиме на нафта, на мазут и ќе се зголеми загадувањето. Кога носите еден план и се соочувате со една енергетска криза вие како Влада во рамки на стратешкиот план за решавање на енергетската криза треба да ги предвидите сите аспекти во државата, бидејќи општините се во државата. Нас и мајка и татко ни е државата. Таа не создала за да можеме полесно да го олесниме животот и да дадеме ниво на јавна услуга кон граѓаните“, рече Димитриевски.
Во емисијата, Димитриевски потенцираше дека оправдано е барањето на ЗЕЛС проблемот со енергетската криза да се третира на еден начин, но проблемот за фискална децентрализација на власта да се третира на друг.
„Нас ни се потребни огромни средства за капитални инвестиции, токму да ги решаваме овие пари да дојдат од државата до општините. Не може општините да добиваат три посто од ДДВ и да чека во следните четири години да добие шест посто. ДДВ-то го плаќаат граѓаните и сакаат да им се врати назад. Исто така и персоналниот данок и сите даноци. Сите пари се трошат на централно ниво. Зошто ми е потребен на мене како градоначалник или на нас како градоначалници министер во одредено министерство за транспорт и врски, животна средина, образование да реализираат капитални инвестиции во нашите градови. Ќе ви дадам еден пример, прво нерационално се користат тие средства на централно ниво. Општина Куманово во изминатите четири години изгради 13 спортски игралишта. Едно од нив беше финансирано од централно ниво, тоа е игралиштето во комплексот на соколански парк. Тоа чини три пати повеќе отколку игралиштата коишто ние ги правевме со општински средства. Што значи дека нерационално се трошат првенствено средствата и тие не ги знаат реалните потреби на граѓаните. Се правдаат дека општините немаат доволно капацитет. Точно е, малите општини можеби немаат доволна капацитетност за изработка на проектна документација и други планови, но зошто на пример проектот за канализација на село Тромеѓе во Куманово веќе три ипол години да стои заглавен во ресорното министерство за транспорт и врски и никој со прст да не мрднува. Средствата се целосно потрошени, проектот не е завршен, а треба да ни го испорачаат со клуч на рака и ние сме блокирани да не можеме да аплицираме на други проекти додека тој проект не се заврши. Ќе се распределат средства, по некоја формула, по број на жители, степен на развиеност на општина, степен на развиеност на регион, ќе се дадат на располагање на општините и градоначалниците ќе менаџираат со сите средства. Не може општина Куманово да учествува во вкупниот државен буџет со приходи од некаде 7%, а назад да добива само 3% од делот којшто е наменет за Куманово. Замислете, тоа е апсурд. Немате вие сериозен развој на една држава доколку парите не ги спуштите на локално ниво“, потенцираше Димитриевски.