Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски смета дека министерот за надворешни работи Бујар Османи не е најсоодветната личност за функцијата кога се дискутира за национално прашање на македонскиот народ, објаснувајќи ја изјавата на Османи за самоопределените македонци во Бугарија дека Македонија не може да застане зад нив и не можат да се мешаат во бугарскиот Устав, поради договорот во 1999 година на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА.
„Еве ќе одговорам со поставување на прашање кон господинот Османи, доколку тоа во Бугарија не беа Македонци туку беа албанци дали ќе имаше ваква изјава? И тука лежи одговорот зошто господинот Османи не е најсоодветната личност да биде на оваа функција во овој момент кога се дискутира за едно круцијално, национално прашање на македонскиот народ, вели Димитриевски во „Студио 10“
Тој смета дека тогаш немало да биде тој одговор, туку тој ако се воделе од националните афинитети и аспекти и ќе давал поинакви изјави.
-Ние тоа не им го наметнуваме дали се тие Македонци, Бугари, Срби, Грци, Албанци или нешто друго. Тоа е лично чувство. Матичната држава нема право да се меша по тоа прашање. Но, видете, Балканот е мешан. Колку пати сме оделе во Бугарија на скијање, во Банско, во Благоевград и ќе чуете од многу граѓани „па и јас сум Македонец“, се пеат, се интерпретираат македонски песни, зошто тогаш не им оставите можност и право на тие луѓе ако се декларирате како демократска држава да се самоопределат, рече Димитриевски.