Градоначалникот и кандидат за втор мандат во Куманово, Максим Димитриевски вечерва ја прогласи победата во вториот круг од локалните избори.
-Ова не е само моја победа туку победа на граѓаните на Куманово. Многу сум горд на сите, сакам да се заблагодарам на сите што ми дадоа поддршка во вториот круг. Ја примив честитката и од мојот кандидат, рече Димитриевски на централниот плоштад во Куманово.
Ние од ЗНАМ, додава Димитриевски, ја примивме пораката на кумановчани. Се заблагодари и на коалициските партнери.
За нискиот одзив, тој вели дека пораката е сфатена и најави дека ќе продолжи посветено да работи.
-Победата не беше лесна, но на крајот е повеќе од јасна. Се што беше реализирано, во најмала рака ќе биде удвоено со нови проекти за градот и граѓаните. За слабата излезност, граѓаните негодуваат, но има добар дел на граѓани кои што веќе сметаа дека победникот е однапред познат. Како и да е, таа ќе биде предмет на анализа. Тоа значи незаинтересираност во изборниот процес Ќе гледам во следните четири години да го наштитам инструментот со кој што ќе раководам согласно желбите на кумановчани, рече Димитриевски.