Димитриевски седна до Баздникин, каква порака испраќа во јавноста?

од Nikola Popovski
314 прегледи

По повод христијанскиот празник Велигден, во Куманово вчера се одржала празнична манифестација „Велигден, ист на различен начин“, на која покрај кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, гостин бил и амбасадорот на Руската Федерацијa, Сергеј Базникин. Според она што може да се забележи, Баздникин седел во првиот ред, веднаш до Димитриевски. Засега не е познато дали има покането и амбасадори на други земји на манифестацијата.

Дел од јавноста прашува која е вистинската причина за присуството на Баздникин. Се поставува дилемата дали во моментов е погодно да се седи до рускиот амбасадор, кога С. Македонија јасно стави до знаење на чија страна е во однос на војната во Украина.

Ѓунер Исмаил, аналитичар и поранешен министер во македонската влада, во разговор за „Локално“ вели дека „Димитриевски важел за прилично писмен човек во сферата на одбраната“.

Ѓунер Исмаил

-Зошто сега тоа го направи не знам. Не ми е јасно, очигледно нешто го поттикнало. Не знам, која му е математиката. Не е голема тајна што треба да ја знаеш, па да направиш вакво нешто. Се гледа Македонија каде е. Ако он не е таму кај што е Македонија, тогаш не знам што му е интересот, смета Исмаил.

Додава дека рускиот амбасадор сигурно ќе се сретне со уште десетмина, бидејќи тоа му е работа.

Во однос на тоа дали заедничкото чествување на Велигден, можеби ќе влијае на новото политичко движење на Димитриевски, соговорникот вели дека треба да се види јавното мислење што македонската јавност мисли во однос на руската политика на Балканот.

-Може има вакво мислење, но јас не сум видел. Дали на пример ги оправдува постапките на Русија во врска со Украина, тоа е централната тема, но сепак не знам што мисли македонската јавност. Не сум видел квалификувано истражување. Треба да се види структурата кој е за, кој е против, како што се прават истражувања, порачува Исмаил.

За тврдењата на Тони Михајловски дека тој всушност добил улога на „икебана“ од најголемата опозициска партија, а дека токму Димитриевски е вистинскиот победник на ВМРО-ДПМНЕ, Исмаил вели дека „веројатно се соседи, по кумановска линија“.

-Веројатно се познаваат и си разменуваат срдечности, објаснува поранешниот министер.

Благојче Атанасоски

Од друга страна, aналитичарот Благојче Атанасоски во разговор за „Локално“ вели дека политичкото другарување на кумановскиот градоначалник со рускиот амбасадор кај нас, оди во насока, дека веројатно првиот човек на Општина Куманово влегува во отворено проруските, антизападни партии кај нас, во прв ред со Левица.

-Политичката реторика, дискурс и наратив на кумановскиот градоначалник, кога се одвои од матичната социјалдемократска партија оди во насока на собирање на пројугословенското, просрпското, проруското, под превезот на „ултрамакедонскиот патриотизам“, гласачко тело кај нас и ќе оди во судир на откинување на корпусот на гласачи на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој гласачки резервоар влегува популарниот „Максо“, и ќе нанесе повеќе штета на Левица и ДПМНЕ. Што се однесува до прашањето кој го финансира и дали е тоа законски, си има соодветни органи и институции на системот кај нас, кои треба тоа да го истражат и проверат, порачува Атанасоски.

Аналитичарот оценува дека „Димитриевски ја зазема страната на агресорот, а се промовора во модерниот Гоце Делчев, бранител на македонизмот и на бугарските агресии кон нашиот национален идентитет и јазик“.

-Тоа не само што е тотална какафонија, туку е тотална политичка шизофренија. Но, при толку кловнови на македонската политичка сцена во изминатите три децении на повеќепартиски систем, уште еден од повеќе, изгледа не е проблем да се појави. Јас не знам на кому му давало надеж неговото „движење“, кое имаше само една политичка промоција со непознати политички ликови и толку. Тој нема никаков политички потенцијал, не на ниво на цела Македонија, туку прашање е во изборната единица два. Има влијание само во општина Куманово, како актуелен градоначалник, поради клиентилистичките побуди на неговите вработени. И толку. Никој реално не верува во некоја негова искрена и реална идеолошка матрица. За западните партнери тој не е никаква политичка „закана“, објаснува Атанасоски.

Соговорникот лично верува во изјавата на Михајловски дека Димитриевски е победникот на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.

-Тоа е доказ дека кумановскиот градоначалник, прикриено направил „дил“ со опозицијата меѓу двата изборни кругови, веројатно и претходно за да се прелеат опозициските гласови на негово конто за да стане градоначалник на Општина Куманово по втор пат. Така и се случи, заклучува Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини