Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, пладнево беше гостин во емисијата „Во живо програма на градовите“ на МТВ кадешто информираше за проектите што се реализираат на локално ниво.
Димитриевски, потенцираше дека со имплементација на мерката бесплатен јавен превоз во Куманово се намалил сообраќајниот метеж во градот и постигнат е дополнителен еколошки ефект.
„Ги намаливме дивите превозници во Куманово и една од главните мерки – создаваме навика за користење на јавниот превоз, па во иднина зошто да не се инвестира и во нешто помодерно и посовремено“, рече Димитриевски.
Во емисијата, тој се заблагодари на јавните превозници коишто многу ревносно и доблесно влегле во еден ваков проект, и покрај тоа што добивале средства покажале високо ниво на општествена одговорност, тоа се пред сѐ фирми коишто настанале во таа соработка и се изградиле како компанија.
Димитриевски посочи дека за бесплатниот јавен превоз издвоени се средства од буџетот за до крајот на месец септември, но планираат да ја продолжат мерката ако се наиде на разбирање од советот, поради тоа што тој ги одобрува финансиските средства.
„Горд сум што одлуката беше донесена со апсолутен консензус, со многу малку политика во одлуката и граѓаните го користат. Нашите анализи коишто ги спроведовме укажуваат дека некаде и до 18 илјади билети дневно се користат на 26 различни линии, или 18 илјади превози“, истакна Димитриевски.