Градоначалникот на Куманово и лидер на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски упати предупредување дека неговиот политички субјект ќе ја напушти владеачката гарнитура доколку се повтори ситуацијата од минатата недела, кога албанско знаме осамна во Владата на координацијата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити со министрите од коалицијата ВЛЕН.
-Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“ кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување…Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од Владата. Ќе излеземе од Владата, кажа Димитриевски во подкастот на ТВ Канал 5 – „На кавга со Иван“.
Лидерот на ЗНАМ е дециден дека „нема дозволи да се случува вакво нешто со што се покажува елементарно непочитување на државата и македонскиот народ“.
Меџити соопшти дека почнува пракса на редовна координација со министрите, замениците-министри и другите избрани и именувани кадри на коалицијата. Во соопштението од првата средба се вели дека редовната координација се воспоставува „во насока на обезбедување висок степен на ефикасност во спроведувањето на нашите програмски заложби“.
На координацијата, покрај македонското знаме и знамето на ЕУ, стоеше и албанското знаме.