Целото тоа најавување е спектакуларно. Да крунисувавме крал, ќе беше помалку спектакуларно. Имавме сведоштва минатата година, во Бакингемската палата, се крунисуваше принцот Чарлс во крал и немаше таков пренос. Тоа што вчера и денес се случи во Македонија, демонстрира супериорност на ДУИ, која што е аздисана од власт и која по секоја основа се обидува да ги фрустрира најголем дел од гласачите од македонската нација и да собере одредени ситни политички поени во очите на албанскиот електорат, вели градоначалникот на Куманово и претседател на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски за примопредавањето на премиерската функција на новиот технички премиер Талат Џафери.
Според него, нема големи надежи да размислува дека оваа Влада може непристрасно да се однесува до почетокот на изборите.
Димитриевски смета дека е без преседан да се возат новинари од странство во државни возила, како што беше вчера случајот со четворица новинари од Албанија и Косово, по повод собраниската седница за изборот на Џафери за нов технички премиер. Тој смета дека ова е координирано од штабот од министерот и член на ДУИ, Артан Груби.
-Тоа што го демонстрираа во Собранието и во службениот кабинет на Груби со пијалоци, покажува само една типична аздисаност на власт од ДУИ и дека никој ништо не им може, а СДСМ молчи, борејќи се за фотелјите, додаде Димитриевски во емисијата „Само вистина“.