Димитриевски за државниот грб: Сите тие симболи нам нѝ значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш

од Nikola Popovski
463 прегледи

Не можеме да се спротивставиме на ништо сѐ додека не го видиме конкретниот предлог за што се работи. Јас сметам дека грбот треба да ги отсликува и претсставува чувствата на сите граѓани. Факт е дека од историски и хронолошки аспект во државата, многу симболи коишто се поврзани со Македонија и нејзината историја во минатото се употребувани и од страна на политички субјекти, вели лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски околу дебатата во јавноста за менување на државниот грб.

Oд ЗНАМ сметаат дека не треба да се дозволи во државните обележја, да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација.

-Сите тие симболи нам нѝ значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш коешто, за жал, согласно Преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. Но, како и да е тука е и петокраката. Ќе отвориме дискусија, па ќе видиме. Не сакам да отфрлам ништо од самиот почеток, додека не ги слушнам размислувањата, рече денеска Димитриевски.

Денеска со свој став излезе и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и екс-министер, Антионо Милошоски. Смета дека Македонија не треба да остане во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола како едни од ретките земји во светот со симболи од советската хералдика.

-Сметам дека Македонија има добро историско наследство кое што може да ги поврзе АСНОМ, Илинденскиот период и претходните периоди на нашата заедничка држава и сето тоа да се отслика во еден современ државен грб кој што би бил подобар и на поквалитетен начин би ги одразувал определбите на Македонија. На крајот од краиштата, оваа иницијатива треба да отвори дијалог преку кој што би стигнале до еден заеднички консензус во одреден временски период. Нема временски ограничувања, но, добро е да се разговара на темата, рече Милошоски.

Слични содржини