Димитриевски за комплексот на УЧК во Сопот: Никој не се обратил до општина Куманово за дозвола за отворање

од Nikola Popovski
632 прегледи

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека до општината не стигнало никакво барање за дозвола околу отворање на Меморалниот комплекс на УЧК во кумановото село Сопот. Димитриевски во изјава за „Локално“ истакна дека нема никакви информации во врска со случајот.

-Дали е отворен музеј или спомен обележје, си има строга постапка дефинирана според Закон, како се отвора такво нешто. Во моментов немам никаква информација, ниту некој се обратил до општина Куманово за да побара било каква дозвола, ни кажа првиот човек на општината.

Во однос на пораките што ги испрати лидерот на ДУИ, Али Ахмети од местото, Димитриевски вели дека не е изненаден.

-Во континуитет покажуваат екстремно самовластие како партија која повеќе од 20 години е на власт и секогаш во предизборието, игра на национална карта и со националните чувства на граѓаните, порача кумановскиот градоначалник.

Истакнува дека „ова што се прави од страна на партнерот и носител на власта е срамно и недозволиво, дополнително револтира и фрустрира и мнозинството граѓани Македонците ги навредува“.

-Треба да се стави крај на оваа самовластие и конечно некој да одговара, дециден е Димитриевски.

Ахмети викендов во Сопот го отвори комплексот на УЧК. Во него се изложени фотографии на команданти на УЧК од Косово како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Македонија како Исмет Јашари, но и фотографиите од „бившиот командант на ОНА“, самиот Ахмети.

-Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен, рекол меѓу другото Ахмети во своето обраќање пред присутните, по повод „одбележување на масакрот во 1944 година над 64 Албанци од Сопот“.

Н.П.

Слични содржини