Надвор од здрав разум е да се следи каде со кого и на кои настани присуствувам и воедно да се користат за анатемизација дека сум наводно против европската иднина на нашата земја, дека сум наводно финансиран од нечија страна, вели за „Локално“ градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, откако силни реакции во јавноста предизвика неговото заедничко чествување на празникот Велигден со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.
Димитриевски жали што во државава стана пракса, како што вели, „тој кој што има спротивни ставови со владата и отворено дебатира за секојдневните нивни коруптивни скандали и безидејни политики, се прикажува во јавноста и од страна на нивните апологети како “русофил” кој работи против националниот интерес на државата“.
-Рускиот амбасадор во земјата е амбасадор се додека некој не го прогласи за персона нон грата, а како што забележувате и вие тој сеуште е на функцијата амбасадор во земјата, па можеби ова прашање треба да се упати кон владата и МНР. Мојот став по однос на Украина е јасен и јавно обзнаен уште во почетокот на кризата и тоа го знае јавноста, јас сум за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Јас сум за европска иднина на нашата земја, но не по секоја цена и не со уцени, на што посочуваат и моите јавни настапи кога сметам дека со одредени државни одлуки го поткопуваме тој европски пат, потенцира Димитриевски.
Тој потенцира дека е „надвор од здрав разум креирањето на слики во јавноста дека неговите активности се антидржавни, во корелација со Русија и спротивни на она за што се залага тој и граѓанското движење“.
-Tоа е јасно. Местото на Македонија е во Европа. Настанов на кој се повикувате е организиран од страна на Здружение за развој на земјоделство и заштита на животната средина – Живот на кое сум поканет како гост на настанот како и останатите присутни, ни рече градоначалникот на Куманово.
Димитриевски упати порака да редовно да се следат неговите досегашни средби со претставниците на другите земји во државата.
-Препорачувам и искрено ќе ве замолам да водите ред и ги проверите сите досегашни остварени средби со амбасадори и претставници од западните европски земји, јавно и транспарентно објавени на мојот профил, бара првиот човек на општина Куманово.
Н.П.