Димитриевски: ЗНАМ ќе има кандидат за Претседател на државата

од Vladimir Zorba
365 прегледи

Регистрацијата на политичката партија Движење ЗНАМ – За Наша Македонија е во целост завршена пред надлежниот суд. Добивме решение за регистрација и наскоро правниот субјект од формално правен аспект ќе биде целосно ставен во функција, информираше Претседателот на новата политичка партија и актуелен Градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски на брифингот со новинари.

Седиштето на партијата е во Скопје, новоотворените простории на Булевар Климент Охридски бр.66 ќе бидат главниот изборен штаб за следните парламентарни избори, а согласно плановите на партијата ќе следува отворање на дополнителни простории и канцеларии.

“Нашиот политички субјект ќе биде позициониран во Центарот, а во делот на социјалните политики ќе се движиме кон Лево, бидејќи сметаме дека најголем дел од членовите, барем до сега и оние кои што се заинтересирани да членуваат во нашиот субјект во делот на социјалните политики сметаат дека Македонија е социјална држава, во која што треба да се даде еднаква можност за сите и каде што во едно такво социјално општество оние кои што имаат повеќе ќе треба да одвојат повеќе за да може да се избалансира односот во социјалните средини, како би можело да се подигне повисоко ниво на раст и развој на најсиромашните граѓани во државата и во општеството”, потенцираше Димитриевски.

На основачкото собрание на партијата претходно беа изберени времени органи и тела на партијата согласно статутот: Претседател, 3 члена на извршниот одбор до моментот на одржување на првиот редовен конгрес на партијата и 3 члена на надзорниот одбор.

На брифингот Димитриевски се осврна на петте основни политички приоритети на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија и тоа: Македонија со висок степен на национална свест, зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура; Македонија – држава во која правдата ќе биде еднаква и достапна за сите; Македонија – самоодржлива држава, особено во делот на енергетиката и производството на храна и зачувување и рационално искористување на природните ресурси; Македонија со високо изразена слобода и еднаквост на граѓаните; Македонија со меѓуетничка толеранција и соживот, Македонија мултиетничко општество, а не биетничко општество, како што е во моментов.

Во однос на следните планови и активности, Димитриевски информираше дека партијата има за цел до крајот на годината да формира најмалку 10 до 15 општински ограноци, а конечната цел е да се формираат општински ограноци во сите општини на територијата на Македонија, без разлика дали се тие моноетнички, или пак се мултиетнички.

“Целта е до Kонгресот, кој што ќе се одржи некаде на крај на Февруари, или прва недела на Март да имаме формирано општински организации најмалку на половина од територија на државата. Овој Конгрес ќе биде и наш прв Конгрес, но ќе има и одредена форма на Конвенција, ќе бидат избрани целосно нашите органи и тела, на извршен и централен одбор, но покрај тоа ќе бидат промовирани и нашите носители на кандидатските листи за пратеници за сите 6 изборни единици и ќе биде промовиран и нашиот кандидат за Претседател на држава, што значи дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе има свој кандидат за Претседател на следните претседателски избори”, порача Димитриевски.

Слични содржини