Се надевам дека наскоро ќе имаме соговорник, во однос на политичка влада кај комшиите, изјавата на Петков охрабрува и на некој начин е реална. Треба да сме блиски, да се разбираме, нашето достоинство да го почитуваат, нивното достоинство ние да го почитуваме, вели Никола Димитров, потпретседател во Владата за евроинтеграции во Студио 10 на ТВ24.
-Проблемот трае веќе две години.Односите се изместија, мислам дека е крајно време да се обидеме да ги вратиме односите кон добро. Влогот е огромен, за македонско-бугарското пријателство бидејќи на некој начин сегашната политика на уцена на блокада и вето не раздалечува. Европската приказна бледнее, се појавуваат тензии затоа што драстичноста на македонската европска приказна е највисока, ние сме тие кои и покрај нашите мани добиваме највисоки оценки, ние имаме повисоки оценки и од земјите кои се со години во преговори. Интересот и вниманието расте и во Вашингтон. Не можеме да градиме пријателство со Бугарија ако се гледаме како противници. Прашањето многу се крена, многу јавни пораки, а нашето искуство од преговори вели дека колку повеќе зборувате во јавност, толку помалку вложувате во вистинските преговори на масата. Во врска со Преспанскиот договор, многу малку детали излегуваа во јавност. Факт е дека македонскиот јазик не е прашање за друг народ, за друга држава, вели Димитров.