Димитров: Да се однесуваме како држава, уставните измени да стапат на сила на денот кога ќе влеземе во ЕУ

од Nikola Popovski
159 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека Македонија треба да се однесува како држава и да гласа за измена на Уставот со која ќе бидат опфатени и Бугарите, но тоа да стапи на сила на денот на зачленување на Македонија во ЕУ.

Тој во гостувањето на утринската програма на Телма TВ изјави дека треба да се разјасни дека не постојат две Бугарии.

„Политиката на Бугарија во однос на Македонија е една и има консензус за ова прашање, проблемот е овде дома. Ако продолжиме вака да се понижуваме, ќе дојде време кога секое утро ќе го започнеме со извинување на Софија во случај нешто да се случи“, рече Димитров и истакна:

„Мораме да почнеме да се однесуваме како држава, да престанеме да се однесуваме еуфорично и со страв, да започнеме широка внатрешна дебата, власта, опозицијата, невладиниот сектор и академската заедница. Да гласаме за промена на Уставот и вметнување на Бугарите, но тоа нека стапи на сила на денот на влезот на Македонија во ЕУ“. Така, посочи тој, и Софија ќе има мотив да ја поддржи Северна Македонија на нејзиниот европски пат

„Оваа негативна политика е штетна и за Бугарија. Наместо да не направат пријатели и блиски соседи, тие не направија непријатели. Потребна ни е помош од Париз и Берлин за да се гарантира постоењето на македонскиот јазик“, рече Димитров.

Слични содржини