Димитров: Дури и ако Македонија ги спроведе најоптимистичките сценарија за реформи, напредокот ќе остане блокиран без усвојување на уставните измени

„Ако проширувањето на ЕУ е навистина геополитички императив, пробивот не е незамислив, но неговото постигнување ќе бара храброст и лидерство - не само во Скопје туку и во Софија и во самата ЕУ“, оценува Димитров

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Фејсбук профил на „Солуција“

„Северна Македонија, ветеран-кандидат за членство во ЕУ, при што само Турција го има подолго време во тој статус, сè уште стои во место кога станува збор за европска интеграција, што ја покажува опасноста од воведување билатерални спорови околу историјата и идентитетот во процес што треба да се фокусира на демократски и економски реформи“, смета екс-министерот и претседател на невладината „Солуција“, Никола Димитров за македонските евроинтеграции по објавениот најнов извештај на ЕК за напредокот на земјава.

Според него, три и пол години подоцна, напредокот сè уште е блокиран, односно како што вели, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одбива да ги усвои потребните уставни измени за признавање на бугарското население без гаранции дека тоа ќе биде последното барање на соседна Бугарија.

Ваквите загрижености, според Димитров во изјава за Советодавната група за јавна политика на Балканот и Европа (BiEPAG), се оправдани затоа што бугарските функционери јавно инсистираат дека нивните уставни амандмани се „само првиот чекор“ алудирајќи на низа дополнителни билатерални барања што сакаат да ги интегрираат во Преговарачката рамка на Македонија.

Во текстот „BiEPAG реагира: Извештај на EK за Северна Македонија 2025 – Стагнација и фрустрација“, екс-министерот вели дека застојот на Македонија во европските интеграции е штетен за сите заинтересирани страни, додавајќи дека јазот меѓу двете земји никогаш не бил поголем. Тој понатаму наведува дека влијанието на ЕУ во земјава брзо се намалува, дека само 40 проценти од граѓаните веруваат дека ЕУ е сериозна во врска со проширувањето и дека меѓу македонските граѓани Бугарија се перцепира како најголема закана.

„Дури и ако Македонија ги спроведе најоптимистичките сценарија за реформи, напредокот ќе остане блокиран без усвојување на потребните уставни измени“, тврди претседателот на „Солуција“, додавајќи дека патот на земјата кон ЕУ е обвиен во неизвесност и дека се заканува ново вето.

Димитров пишува дека во овогодинешниот извештај ретко може да се види оценката за добар напредок која била регистрирана само во три преговарачки поглавја. Во две поглавја воопшто немало напредок, а во некои бил забележан само ограничен напредок.

„Ако проширувањето на ЕУ е навистина „геополитички императив“, пробивот не е незамислив, но неговото постигнување ќе бара храброст и лидерство – не само во Скопје туку и во Софија и во самата ЕУ“, заклучи Димитров во текстот за „BiEPAG“, пренесува српска „Бета“.