Предлогот на француското претседателство не носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ, смета поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
-Клучното прашање е дали преку ваков договор сме поблиску до целта- членство во ЕУ. За мене, нема никакви дилеми. Со ваква рамка, ЕУ е подалеку од денес, кога се уште немаме почнато преговори, вели Димитров во изјава за Дојче Веле, по објавувањето на францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ.
Тој објаснува дека предлози за решавање на проблем меѓу две страни секогаш прво доаѓаат до засегнатите страни, но фактот, како што вели, што ваков предлог „воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија.”
-Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад, вели Димитров.
Не знам, наведува, што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам.
-Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста, вели поранешниот шеф на дипломатијата.