Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер, Никола Димитров ги осуди неодамнешните изјави на финансиерот на бугарските клубови во Битола и Охрид, бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски.
-Ваков говор на омраза во туѓа држава, вакви отворени најави за бугаризација, не само што оневозможуваат нормални односи, не само што се против европските вредности и јасно ја откриваат целта во што сакаат да го претворат преговарачкиот процес, туку се и израз на една анахрона, империјалистичка и ревизионистичка политика на грд национализам, објави Димитров.
Тој очекува реакција од државниот врв.
-Здрава и нормална реакција во нормална држава која се грижи за достоинството на своите граѓани би била да спречи вакви навреди без никакво двоумење, истакнува Димитров.
Врабевски во интервју за БНТ зборуваше за „југословенскиот модел”, кој го посочи како „најлошиот модел на светот“. Според него, на луѓето во Македонија „им се испрани мозоците“, а територијата е „украдена од Бугарија“.
-Една територија украдена со многу крв и престапи, отцепена од Бугарија и асимилирана на еден многу грозен начин, Југословенскиот модел, нема погаден модел на светот. Практично, тој модел се уште е на власт и им ги пере мозоците на луѓето, рекол Врабевски.