По оставката на премиерот Заев, дел од нашите меѓународни пријатели се јавија со поддршка јас да ја презмема владата. Објаснувањата поради кои ова не беше прифатено од коалицијата, кажано преку вас новинарите, е дека сум бил нереален идеалист и премногу принципиелен и не сум се разбирал од меѓупартиски пазари. За мене ова се комплименти, рече вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров, објаснувајќи ги причините зошто тој нема да биде дел од новата Владата.
Димитров откри и како дознал дека нема да биде дел од новата Влада.
-Прочитав од портали, па дознав од амбасадори, па имав средба со мандатарот Ковачевски, така дознав. Одговорноста значи да бидете гласен внатре. Од друга страна мислам дека има јавен интерес за овие работи да се зборуваат отворено. Чекав бидејќи мислам дека беше важно да не се повлечам самиот. Можеби ќе беше полесно да кажам дека не се гледам во новата Влада, но беше важно мандатарот да каже. За сите работи ќе зборувам отворено, свесен за одговорноста и значењето на прашањето никогаш нема да наштетам, но ќе ја следам работата, додаде Димитров.
Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Тоа, потенцира Димитров, не само што ќе го тргнело од дома, туку и ќе му го врзело зборот, затоа што, како што рече, дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.
-Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат како ме нарекоа вирус поопасен од КОВИД. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе, рече Димитров.