Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров учествуваше на конференцијата на тема „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат.
Конференцијата, како што информираат од неговиот кабинет, беше можност за актуелизирање на предизвиците на македонските европски интеграции.
„Чекавме бидејќи имавме спор со нашите соседи од Атина, па го решивме. Па потоа имаше проблем со вербата во самиот процес на пристапување, па моравме да чекаме за новата методологија. Одлагањето на почетокот на преговорите за членство со Македонија создава проблем со кредибилитетот на Европската Унија и тоа се рефлектира не само на нашиот случај, туку и врз целиот регион“, рекол Димитров.
На конференцијата, вицепремиерот го отворил и прашањето со политизирањето на билатералните проблеми низ преговарачкиот процес.
„Киднапирање на процесот со билатерални прашања ја поткопува политиката на условеност што е основен предуслов за успех на процесот на пристапување, испорачување резултати од двете страни. Особено кога овие билатерални прашања се против темелните принципи и вредности како што е јазичната и културната различност на континентот. Значи, нашиот проблем не е територијален спор, не е прашање на затворање на нуклеарна централа, туку нашето право на самоопределување. Јас сум Македонец и јас не би требало да бирам помеѓу тоа да бидам Македонец кој зборува македонски јазик и да станам Европеец во смисла на дел од Европска Унија“, рече Димитров.
На конференцијата меѓу другите, покрај Димитров, учествуваа и потпретседателката на Европскиот парламент Катарина Барли и австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер, се додава во соопштението на СЕП.