Димитров: Компаниите се неликвидни и не можат да исплатат плати, казните само ќе ги втурнат во стечај

Што се однесува до исплатата на плата под минимална, Синдикатите се во право и надлежните институции треба да преземат мерки ова да се реши. Тоа може да се направи со измени на МПИН образецот за пресметка на плати, вели Димитров за „Локално“

од Nikola Popovski
332 прегледи

Во државата околу 10 илјади работници земаат плата под минималната, а речиси 83 илјади вработени во Македонија сè уште не ја добиле јануарската плата, што е три и пол пати повеќе во споредба со истиот период минатата година. Економските есперти укажуваат на фактот дека причините за доцнење на платите се економската нестабилност, зголемените трошоци на компаниите, долговите…. Тие велат дека се работи за неликвидни компании и оти присилната наплата и казните од страна на инспекциските органи само ќе се забрзаат постапката на стечај на овие фирми.

-Неисплаќањето на плати е резултат на неликвидноста на компаниите. Голем број компании немаат доволно сопствен капитал и ликвидноста им е нарушена. Тие во најголем број случаи чекаат одредени приливи на средства од своите купувачи или клиенти за да ги исплатат платите. Ако купувачите касанат со плаќање автоматски доаѓа до каснење на платите. Државата во овој случај ја блокира сметката за придонеси, а не и за нето платите. Ова е само еден вид на казна за да се натераат работодавачите за што побрзо да изнајдат средства за плаќање на платите. Но, ова не е решение бидејќи во овој случај вината не е само кај работодавачите, туку и кај купувачите кои каснат со плаќање, објаснува за „Локално“, Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Тој додава дека казните од страна на инспекциските органи може само да ја забрзаат постапката за стечај на овие неликвидни фирми.

Од Сојузот на синдикати на Македонија неодамна апелираа до надлежните органи да преземат мерки, бидејќи се уште е голем бројот и на оние работници кои земаат плата под минималната.

-Околку 10 илјади работници примаат плата под минималната плата. За тоа апелираме што поскоро надлежните државни институции посериозно да се позанимаваат со оваа проблематика, бидејќи тоа е незаконски и е кривично дело, изјавија од ССМ.

Димитров вели дека овој проблем може многу лесно да се реши со измени во Законот за минимална плата, односно во МПИН образецот.

-Што се однесува до исплата на плата под минимална, Синдикатите се во право и надлежните институции треба да преземат мерки ова да се реши. Тоа може да се направи со измени на МПИН образецот за пресметка на плати. Така што на компанијата која има пресметано плати пониски од минималната со законски измени да се спречи исплата и на другите плати во комапнијата. На овој начин компанијата ќе мора да им исплати повисоки плати на тиа што земаат пониска од минималната, бидејќи ќе и биде загрозен опстанокот, објаснува Димитров.

Според законските обврски, рокот за исплата на јануарските плати е 14 февруари, а до овој датум платите требало да ги исплатат над 70.000 фирми за вкупно 551.264 вработени. За споредба, во истиот период минатата година, јануарската плата не ја добиле околу 25.000 работници, што значи дека годинава бројката е зголемена за три и пол пати.

Од УЈП информираат дека на компаниите што не го испочитувале рокот веќе им се испратени опомени, а доколку не ја исплатат платата во наредниот период, ќе биде спроведена присилна наплата.

Б.С.

Слични содржини