Димитров-Лирман: Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
305 прегледи

Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров беше прв странски гостин на новата државна министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.

-Северна Македонија и регионот се дел од стариот континент и, иако сé уште не сме дел од Европската Унија (ЕУ), борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, при што во Германија гледаме како на столб, како сила што влече кон добро и како на исклучително важен партнер – и политички и економски, изјавил Димитров на средбата.

Според него, почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници.

-Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан, изјави Димитров.

Лирман посочи дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.

Како што соопшти Секретаријатот на европски прашања (СЕП), средбата се одржа на вториот ден од стапувањето на должност на новата германска Влада на чело со канцеларот Олаф Шолц, како „знак на континуитет на германските позиции во нивното делување за Европа базирана на вредности и принципи и фокусот на македонското европско досие како клучен приоритет“.

Слични содржини