На специјалната дискусија вчера во Солун, на која учествуваше вицепремиерот Димитров заедно со високи претставници од регионот и ЕУ, беше разговарано за придонесот на Западниот Балкан кон Конференцијата за иднината на Европа.
Вицепремиерот Димитров нагласи дека пристапниот процес е најдобрата алатка за европеизација на регионот, бидејќи граѓаните на Балканот зборот „европски” го поврзуваат со одредени вредности кон кои нашите општества се стремат.
Димитров: „Покрај внатрешниот пазар, Европската Унија е препознатлива по споделените вредности кои ја креираат нормативната и трансформативната моќ – европскиот наратив дека Европа предводи преку примери. Вклучувањето на граѓаните од регионот ќе придонесе за зајакнување на овие вредности, преку дискусија за прашања како на пример дигитализација и заштита на животната средина кои се актуелни прашања и во овој регион и кои носат конкретни промени. Имаме високо ниво на усогласеност во однос на надворешната политика што природно значи дека овие земји треба да бидат вклучени во креирањето на тие политики ако од нив се очекува да ги спроведуваат.”
На прес-конференцијата по дебатата, Димитров посочи дека е неопходно да се обнови кредибилитетот на ветувањето за европска иднина на Балканот, дадено токму во Солун пред 18 години.
„Потребно е да бидеме дел од заедничката европска куќа, не може една соба да биде исклучена од системот бидејќи така ќе страда целата куќа. Дебатираме за ова долго време, напорно работевме, заслужуваме нашиот напредок да биде препознаен и да служи како инспирација за многу други и мислам дека тоа ќе биде добар чекор за да го вратиме кредибилитетот на ветувањето од Солун. Ќе го направиме тоа заедно со Грција и регионот” – заклучи Димитров.