Димитров: Нема напредок во работатата на Историската комисија, македонските колеги се неподготвени и ја следат политиката

„Најкраткиот одговор е до никаде, бидејќи и по осум години работа, 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот за седмо одделение одговара на шесто одделение во нашата земја, т.е. на 11 век“, вели копретседателот на Историската комисија, Ангел Димитров за напредокот во работата

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Принтскрин/БНТ

„Комисијата за историски прашања со Република Македонија е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“ – ваков е ставот Ангел Димитров, копретседател на Заедничката експертска комисија за историски прашања и образовни прашања со Бугарија.

На прашањето до каде е дојдена Kомисијата со работата, Димитров одговорил со зборовите:

„Најкраткиот одговор е до никаде, бидејќи и по осум години работа, 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот за седмо одделение одговара на шесто одделение во нашата земја, т.е. на 11 век. Гледајте, би можел да кажам дека ова е блокада на работата на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека тоа е стагнација, застој, и го користам затоа што ова е и целокупната состојба на земјата таму“, вели историчарот во изјава за бугарските медиуми.

Според него, ова било нотирано во Извештајот на ЕК и дека „македонскиот државен врв воопшто не е загрижен“.

„Ова е нешто како алиби во сегашните многу комплицирани односи меѓу нашите две земји, бидејќи формалната активност на Комисијата сугерира дека сè уште постои желба да се работи. И морам да нагласам дека ова е единствената комисија што функционира, создадена според Договорот за пријателство и добрососедство и единствената форма на негово спроведување. Но, бидејќи нема резултати, тогаш можеме да размислиме каков е ставот кон самиот договор“, оценува Димитров.

Димитров посочи и дека почетокот на работата на Комисијата се совпаднал со потпишувањето на Договорот за изградба на граничниот тунел кој ќе ја поврзе железничката линија по Коридорот 8.

„Јас сум многу чувствителен на оваа тема, ми е многу блиска, бидејќи бев во Скопје кога беше почнат првиот чекор. Ова беше точно пред нешто повеќе од 30 години. Почетокот на октомври 1994 година. Сè уште зборуваме за десетици, можеби над 20 километри на територијата на Република Северна Македонија. Всушност има многу повеќе. Значи, тунелот е најмалиот проблем во овој случај, иако звучи симболично. Се шегувам дека ако изградбата на железничката линија таму не оди добро, ќе мора да направиме дополнително гранично обезбедување на европската граница на тунелот. Гледајте, го кажувам ова на шега. Искрено се надевам дека овој страв, да го наречеме, од поврзување на двете земји, е веќе надминат во РСМ. И е надминат не само поради свеста за сопствениот интерес, бидејќи ова е европски проект од големо значење за НАТО. Го споменав овој случај бидејќи е мала светлина, да не влегуваме во тунелот, но добро е да се сфати дека работите нема да се случат бргу“, рекол историчарот во емисија на „БНТ“.

Димитров исто така изјавил и дека дошло до промени во македонскиот состав на Историската комисија, истакнувајќи дека „главната причина за блокирање на работата на комисијата е неподготвеноста на македонските колеги“.

„Главната причина за блокирање на работата на комисијата е неподготвеноста на нашите колеги, во овој случај тие целосно ја следат политичката линија на државата и доктрината за македонизмот, а не зборуваме за заедничката историја. Нешто што не е само вградено во договорот за пријателство и добрососедство како идеја за создавање на оваа комисија, туку е и во преамбулата како значење на самиот договор. Гледате, резултатот е неверојатен парадокс“, додава историчарот.