Димитров: Нема простор за паника, но ќе биде трагедија ако Европа го придвижи автобусот, а ние не сме внатре

од Nikola Popovski
60 прегледи

Нема простор за паника. Ако Македонија постигнала тоа што треба, не треба да ја кочи другата држава каде што нема влијание. Истото и со Албанија. Факт е дека имаме горчливо чувство кога Франција не го отвори процесот за Албанија, исто како што направи и Холандија. Се направи стратешка грешка. Ние изгубивме одредено време заради Албанија, но и Албанија изгуби заради нас, рече поранешниот шеф на македонската дипломатија и претседател на невладината организација „Солуција“, Никола Димитров за одвојувањето на „пакетот“ Македонија-Албанија на патот кон полноправно членство во ЕУ.

Димитров го цитира политичкиот аналитичар и основач на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус кој вели дека „процесот на проширување е уште еден автобус со изгасен мотор“.

-ЕУ веќе го запали моторот – Албанија еве ќе почне пристапни преговори, Црна Гора веќе 11 години преговара, а подготвена е слично во однос на Македонија со оглед на постигнатото. Веќе две години со неколку тинк-тенкови, речиси во сите земји-членки, работиме ова да стане реалност. Европа мора да си ја консолидира територијата. Гледаме што се случува кога има сиви зони. Тој процес се уште не е вистински отворен. Нема простор за паника, но ќе биде голема трагедија ако Европа го запали автобусот, а ние не сме внатре, смета поранешниот вицепремиер за европски прашања во вестите на Тв Сител.

Димитров е дециден дека власта и опозицијата ја ослабуваат македонската позиција ако се караат.

-Крајно време е за заеднички државен став како ќе се справиме по ова прашање. Опозицијата (тогашна влада) си ја има мувата на капата, со спојувањето на билатералниот процес со Преговарачката рамка.

Бугарија е пред избори и имаат пакет кој што ги задоволува сите интереси, но тој пакет не ги задоволува македонските интереси. Затоа Бугарија не може сега да попушти. Не треба да се дава надеж дека сега од очај ќе се попушти. Мораме да ја убедиме Бугарија дека времето не работи за нив, бидејќи расте анимозитетот кон Бугарија ако останеме во оваа каша во која што сме сега. Ако нема таму разбирање, со креативно решение да најдеме начин како сами да се заштитиме, истакнува поранешниот министер за надворешни работи за барањето за посредување меѓу Македонија и Бугарија околу билатералните прашања.

Димитров е категоричен и дека Бугарија нѐ навреди во однос на јазикот, историјата и идентитетските прашања.

Слични содржини