Димитров: Ние Бугари нема да станеме, ама нема ни во ЕУ да се зачленимe

од Nikola Popovski
334 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров смета дека ова што се случува во овие два дена во Собранието е апсурд и фарса.

-Деновиве во Собранието се одвива токму фарса, за две суштински важни прашања за македонските граѓани – нивната европска иднина – и за Македонците – нивниот македонски идентитет и јазик. Собранието имено расправа за тоа дали да усвои заклучоци со што ќе ја задолжи Владата да ја усвои преговарачката рамка, но и да не преговара за историски и идентитетски прашања, што е спротивно на самата рамка и заклучоците на советот и воведната изјава на ЕУ. Апсурд!, посочува Димитров.

Според поранешниот министер, отворено треба да се презентира вистинската ситуација пред граѓаните и да се бара чаре за како понатаму.

-Знаете веќе сите дека преговорите нема вистински ниту да ги почнеме пред да го смениме Уставот. Да вметнеме Бугари, при што Бугарија на целиот глас кажува дека не го признава постоењето на македонскиот јазик, а со тоа и нашето мнозинство – македонскиот народ. Тие кои се против ова понижување утре ќе бидат прогласени за виновници што не одиме кон ЕУ. Притоа, без никакви гаранции дека нема да има нови барања (една од црвените линии што се стопи). Без никаква мотивација да заврши процесот, напротив (без уште една црвена линија – отворањето на Уставот да биде на крај). Колку подолго ќе трае пристапниот процес, толку повеќе време за етничкиот инжинеринг како нескриена амбиција на официјална Софија, пишува Димитров.

Тој нагласи дека деновиве ги слушал „тезите дека никој не може да ви го земе идентитетот“.

-Ние Бугари нема да станеме, ама нема ни во ЕУ да се зачлениме. Ќе биде многу тешко, можеби и невозможно да се поправи оваа историска грешка. За неколку месеци се’ ќе стане јасно и на тие на кои сега не им е докрај јасно што зборувам. Посебно ако се смени Уставот. Отворањето на првиот кластер ќе зависи од исполнувањето на задачите од протоколот. И тогаш кога од историчарите, наместо од реформите ќе ни зависи европската иднина и кога ќе имаме вечна и отровна политичка криза, нема да ни биде никаква утеха кога многумина ќе имаме легитимно право да ви посочиме: “Ама нели ви рековме”, укажува Димитров на Фејсбук.

Слични содржини