Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, ја заокружи еднодневната работна посета на Австрија со средба со федералниот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг.
Димитров нагласи дека прашањето за почнување на преговорите на земјата за полноправно членство во ЕУ има силни геополитички импликации за Унијата како проект за европско обединување и укажа на загриженоста за негативното влијание на секое понатамошно одолжување на пристапните преговори врз кредибилитетот на ЕУ во регионот, а со тоа и на улогата на Унијата како глобален актер.
„Ова е клучен момент за постигнување чекор напред во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со ЕУ, што би значело и преточување на интересот на Австрија како непосреден сосед на регионот на Западен Балкан во конкретен резултат базиран на објективно вреднување на копенхашките критериуми“, рече Димитров.
Министерот Шаленберг ја поздрави посветеноста на земјата во спроведување на реформите што значат вистинско приближување кон европските стандарди и нагласи дека поддршката и интересот на Виена за заеднички успех е сосема јасна.