Димитров предлага формирање регионален центар за гасење пожари: „Кога Македонци ќе гасат во Бугарија, Грци во Македонија, Срби во Косово…“

од Nikola Popovski
179 прегледи

Екс-шефот на македонската дипломатија и основач на невладината „Солуција“, Никола Димитров смета дека земјите од регионот треба да размислуваат во правец на создавање на регионален центар за гасење пожари, со помош на ЕУ. Вели дека ваквата тема ја отворил уште минатото лето.

„Лани среде балканската катастрофа со пожарите со амбасадорот Гир разговаравме за регионален центар за гасење пожари. Да вложат сите балкански земји согласно договорена формула, да вложи и ЕУ, и капацитетите да се користат секаде каде е потребно. Механизмот за цивилна заштита преку Брисел е многу корисен, но изгледа не е доволен“, појаснува Димитров.

Според него, пречесто имаме насекаде пожари, секое лето во сите земји, ужаси што очигледно само ќе се влошуваат во иднина, а ниту една земја, оставена сама, нема доволно капацитет да се справи со пожарите, па макар била и најголемата и најорганизираната.

„Покрај зголемена подготвеност за сите земји, ваков центар ќе придонесе да се зголеми заедништвото во регионот. Кога Македонци ќе гасат во Бугарија, Грци во Македонија, Срби во Косово, а сите заедно ќе ѝ помагаат на Словенија, ќе стане очигледен и фактот дека во природата, нападите врз посебноста на соседот и тепачките за тоа чиј народ е најстар се резултат на празни политики и опасни наративи што немаат ништо блиско со човечноста“, стои во објавата на Димитров.