Димитров: Преспанскиот договор е силно оружје за македонскиот јазик и идентитет и треба да се искористи

од Nikola Popovski
313 прегледи

Во контекст на дебатата за македонскиот идентитет и македонскиот јазик во Извештајот за напредокот на земјава во ЕУ, екс-шефот на дипломатијата и основач на невладината „Солуција“, Никола Димитров оценува дека Преспанскиот договор е силно оружје и треба да се искористи во случајов по лобирањето на бугарските европратеници и дел од пратениците од ЕНП да не се најде македонски идентитет и јазик во најновиот Извештај, кој треба да се гласа во вторник.

„Ме фрапира изедначувањето на нерешението на проблемот со Бугарија со решението на спорот со Грција. Во пакетот што го прифати претходната влада, “брилијантниот успех” што бескрајно ни го искомплицира патот до членството во ЕУ вметнувајќи нерешен идентитетски спор во пристапниот процес, е и официјалната изјава на Софија дека македонскиот јазик е сиромашен дијалект на бугарскиот јазик што таа не го признава како посебен јазик. Црно на бело, доставена во Брисел. Сега повторно реактуелизирана преку бугарските европратеници во дебатата во Европскиот парламент.
Единствениот меѓународен компромис, со огромна тежина, каде македонскиот јазик навистина е чист, признат и апсолутно неспорен, Преспанскиот договор ние не само што не го користиме, туку и го напаѓаме. Меѓу другото, македонскиот јазик е во преговарачката рамка со ЕУ, токму како резултат на Преспанскиот договор“, порачува Димитров.

Вели дека ги следел изјавите на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, како вели дека Бугарија била инспирирана од Преспанскиот договор за ветото, во смисла дека ѝ се отвориле апетити, без воопшто да се сети дека „инспирацијата“ може да биде и фрустрација, оти токму таму, како што истакнува Димитров, македонскиот јазик и идентитет се афирмирани.

„Нешто што веројатно ако е чесна, ќе си признае дека не било баш едноставно да се обезбеди на светска сцена, како што се тврди дома по митинзи или во амфитеатри. Тој спор, кој прво беше на ниво на ООН, врз основа на резолуција на Советот за безбедност од 1993, и ние го затворивме како Македонци со македонски јазик. Спорот со Бугарија – апсолутно не. Ниту спорот е решен, ниту Софија стави потпис на македонскиот јазик, туку се издвои од останатите членки на ЕУ со своја крајно навредлива изјава на ниво на говор на омраза. И таа е суштинската разлика! И затоа не може ниту заедно да ги напаѓате и Преспанскиот договор и таканаречениот Француски предлог, со клучни елементи зготвени во Скопје и Софија, ниту заедно да ги браните – тие се спротивност“, потенцира екс-министерот.

Димитров ѝ замерува на Сиљановска дека има една суштинска невистина или недозволива грешка во своето излагање.

„Таа тврди дека НАТО било важно и ни требало, таа го поддржува членството и добро ќе било да сме направеле компромис за НАТО, ама со Преспанскиот договор сме се фокусирале само на ЕУ, толку што дури и во референдумското прашање не било НАТО ниту спомнато. Напротив, во прашањето се разбира се и НАТО и ЕУ. Уште повеќе, ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО во грчкиот парламент беше услов за влегување во сила на Преспанскиот договор. Тоа на што претседателката е горда, тоа што вели цитирам – “во ваква безбедносна ситуација НАТО е многу важен за нас”, е тоа НАТО е овде и ние сме таму само и само поради Договорот што не се умее или не се сака да се искористи во наша полза. Единствениот услов за членство во НАТО од Самитот во Букурешт во 2008 наваму, беше решение за спорот околу името. Дали претседателката навистина, ама навистина смета дека е мудро и логично токму деновиве да се напаѓа меѓународен договор, каде недвосмислено се потврдува македонскиот јазик!?“, прашува основачот на Солуција во својата објава.

Слични содржини